На 13-ти јули 2013 (сабота) се одржа мултимедијалниот настан „Мое Скопје“ во организација на Младински образовен форум, како дел од програмата на Скопско лето 2013. Настанот, кој беше организиран во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, започна во 20 часот и беше посетен од бројна публика. Иако целната група беше помладата публика, во Сули ан имаше посетители од сите возрасти.
Настанот презентираше колекција дела на тема „Мое Скопје“, кои беа категоризирани како Лично мое Скопје и Скопје го градам. Изработките беа собрани преку отворен конкурс на Радио МОФ, а на истиот беа пријавени уметнички инсталации, ликовни изработки и инстаграм колекција на фотографии.
„Мое Скопје“ претставуваше простор за изразување на личните визии и приказни за Скопје, преку слободата на уметничките техники. Беа поставени разни инсталации, фотографии, ликовни дела и други изработки, но имаше и простор кој ја повикуваше публиката на интеракција со настанот со пишување на пораки или потсетување на некои активности. Во склоп на настанот беа прикажувани и видео снимки од старо Скопје, а беше вклучен и музички дел каде што се пуштаа музички дела на тема „Скопје“.