Над 5.000 граѓани веќе потврдија дека не е доцна за спас на екстерното оценување

5000 eksterno flaer MOF

Младински образовен форум (МОФ) го цени и поздравува фактот  што Министерството за образование и наука  делумно ги признава пропустите кај екстерното оценување годинава.

Потврдуваме дека МОФ не е против екстерното оценување како алатка за подобрување на образовниот процес, но во исто време уште еднаш инсистираме тестирањето оваа година да се прогласи за пробно, со цел да може да се ревидираат целите и да се корегираат техничките пропусти и законските недоследности кои оваа година беа увидени.

МОФ е присутен на терен со цел преку петиција да го презентира ставот на граѓаните за проблемите околу начинот на спроведување на екстерното тестирање и да побара од Министерството за образование и наука екстерното оваа година да се прогласи за пробно.

За 3 дена, повеќе од 5.000 загрижени граѓани, ученици, наставници, професори и родители се потпишаа на петицијата за прогласување на екстерното за пробно и со тоа веќе испратија јасна порака дека тестирањето оваа година е проблематично во целост, а не како што беше презентирано од надлежните, дека се работи за мали тенички проблеми, кои успешно се отстрануваат во тек. На петицијата се потпишуваат и голем број просветни работници, а дел од нив изразуваат усна поддршка со објаснување дека се плашат или дека не смеат да се потпишат.

Во секој случај, во духот на соработка, МОФ очекува термин за состанок со надлежните институции на кој ќе биде пренесена аргументацијата дека секогаш постои простор за корекција на  грешките од екстерното тестирање, во случајов со  прогласување на тестирањето за пробно и со тоа оневозможување било кој ученик да биде оштетен заради грешките при имплементација.

Сметаме дека никогаш не е доцна за одлуки кои се во корист на подобар образовен систем и во корист на подобрување на перформансот кај учениците и наставниот кадар.

Граѓаните можат да се потпишат на петицијата секој ден, до 12ти јули, во 16 градови во државата. Повеќе информации за локациите и термините на пунктовите за потпишување се достапни на www.mof.mk/eksterno.

Да не дозволиме цела генерација ученици да биде оштетена и ваквиот начин на екстерно тестирање да остави белег на идното запишување на факултет или пак вработување.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: