Над 5.000 граѓани во Македонија досега ја поддржаа Иницијативата за формирање на независна регионална комисија (РЕКОМ) која има за цел да ги утврди и јавно изнесе фактите за воените злосторства и другите тешки кршења на човекови права, почнувајќи од 1991 година до 2001 година на просторот на поранешна Југославија.
Според координаторот на акцијата за собирање на потписи за РЕКОМ во Македонија Дејан Докузовски, потписи ќе се собираат и во следните две недели во пет градови во Македонија.
„Собирањето потписи за РЕКОМ досега оди одлично, според досегашните резултати формирањето на оваа комисија го поддржуваат над 5.000 граѓани во земјава, а се надевам дека до крај на кампањата „Милион потписи за РЕКОМ“, која завршува на 6 јуни, Иницијативата ќе ја поддржат уште повеќе граѓани“, рече Докузовски.
Коалицијата за РЕКОМ, Младинскиот образовен форум и Радио МОФ во рамки на кампањата за собирање на потписи за РЕКОМ организираат и концерт на 29 мај на Школка во Градски парк. На концертот ќе настапат музичките бендови „Беј д’ фиш“ и „Фолтин“, како и два ди-џеи од Радио МОФ.
Коалицијата за РЕКОМ е неполитички регионален собир на организации од граѓанското општество. Ја сочинуваат мрежа на невладини организации, здруженија и поединци кои ја застапуваат и афирмираат Иницијативата за РЕКОМ.
РЕКОМ досега го поддржаа и претседателите на Србија и Хрватска, Борис Тадиќ и Иво Јосиповиќ, црногорскиот премиер Игор Лукшиќ и претседателот Филип Вујановиќ, Собранието на Црна Гора, претседателката на Народното Собрание на Србија Славица Џукиќ, Европската комисија, Европскиот парламент како и бројни јавни личности во регионот. Потписи за РЕКОМ се собираат и во сите останати држави од поранешна СФРЈ, а досега се собрани над 250.000 потписи.