На 23.03.2013 година од 11:00 до 12:00 часот на Универзитетот за туризам и менаџмент Младински образовен форум во рамки на програмата Учиме право организира едночасовно предавање од страна на Јавниот обвинител Момир Маричиќ за средношколците членови на Учиме право клубовите, преку кое средношколците ќе се запознаат со улогата на јавниот обвинител во кривичната постапка.
Повеќе од 80 ученици членови на Учиме право клубовите во училиштата СУГС “Никола Карев”; СУГС “Георги Димитров”; СУГС “Раде Јовчевски Корчагин”; СУГС “Зеф Љуш Марку”; СУГС “Орце Николов”; СУГС “Цветан Димов” и Учиме право клубот во Ромаверзитас ќе имаат прилика да слушнат повеќе за улогата на јавниот обвинител во кривичната постапка, особено неговата улога во текот на главниот претрес (со новите измени на Законот за кривична постапка од 18.11.2010 година главна расправа) и ќе имаат прилика да бидат повеќе информирани за техниките на директното, вкрстеното и дополнителното испитување на сведоците.
Откако учениците ќе го проследат предавањето на јавниот обвинител, во рамки на Учиме право клубовите во своите училишта ќе имаат симулација на судење каде што ќе можат и практично да ги применат своите знаења и техники со кои ќе се запознаат за време на предавањето од страна на јавниот обвинител.
Освен во Скопје, предавања од страна на јавни обвинители се одвиваат и во Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Делчево и Радовиш во средните училишта каде што се спроведува програмата Учиме право.
Во рамки на програмата Учиме право покрај редовните предавања на годишно ниво предвидени се голем број посети на институции преку кои програмата се стреми кон зајакнување на комуникацијата помеѓу граѓаните и надлежните власти, а преку тоа и кон развивање на демократското и отворено општество. Покрај посетите на институциите, во рамки на програмата е предвидено и предавање од страна на стручни лица кои како експерти од својата област зависно од темата на предавањето споделуваат практични искуства и им го пренесуваат своето знаење на учениците.