Национално дебатно првенство 2012
Денес, 30-ти април 2012 година, во салата на Советот на Град Скопје, своите ставови ги спротиставија најдобрите дебатери на Националното дебатно првенство, организирано од Младински образовен форум, на кое се натпреваруваа 24 тимови од девет градови од Македонија.
Должност на секоја држава е да им обезбеди сигурност на своите граѓани, да ги заштити нивните права и да одлучува водејќи се од нивните најдобри интереси. Средношколците дебатери, водејќи се од оваа премиса изминатиот викенд во рамките на Националното дебатно првенство, преку дебата ги истражуваа механизмите кои им се достапни на државите, нивната ефикасност и ефективност во обезбедување на безбедноста на своите граѓани.
Секој средношколец, менувајќи ја својата улога од тим кој ја поддржува во тим кој ја негира тезата „Примена на тортура/насилство од страна на државата (не) е оправдана во исклучителни случаи“ беше ставен во позиција да размислува за користењето на ментално и физичко насилство, неговата морална оправданост и исклучоците и алтернативите на овој механизам користен во светот, особено за борба против тероризмот.
На финалето победи тимот „Учиме право“ кој го сочинуваа Добромир Алексиќ, Никола Живковиќ, Сара Кајевиќ, додека второто место го освои тимот „Истражување и политики“ во состав Мартин Божиноски, Дејан Ризински и Моника Саздова.
Во вкупно 72те дебати, колку што броеше Националниот дебатен турнир, дебатерите најчесто го оправдуваа користењето на насилство единствено за добивање на информации во случаи кога сите останати механизими се употребени и неефикасни и кога безбедноста на граѓаните под сериозна закана. Негациските тимови од друга страна го напаѓаа овој метод како неефикасен и неморален презентирајќи бројни примери на издавање лажни информации, дополнително продлабочување на насилството и кршењето на човекови права поддржано од страна на државата.
Пред почетокот на дебатата на бројната публика во салата се обратија Даниела Захариева Адамова – Раководител на Сектор за образование во Град Скопје, Ана Блажева – координатор на проектот „Намалување на насилството и зголемување на безбедноста во средните училишта во Град Скопје“ и Стефан Ристовски – координатор на Дебатната програма од Младински образовен форум. Тие ги поздравија и охрабрија средношколците за понатамошно вклучување во вакви иницијативи и им посакаа успешна дебата.
Од особена важност е поттикнување на младите на дебата и отворена дискусија преку која ќе ги градат своите ставови базирани на аргументи и факти, наместо претпоставки. Давајќи им на младите улога да развиваат или бранат одредени политики од една страна и да ги воочуваат слабостите на истите од друга страна, помагаме кон креирање критичка младина која може да биде релевантен актер во носењето одлуки.