Наместо невладина организација, функционален Студентски парламент во склоп на Универзитетот

Тамара Ангеловска е студентка на Медицинскиот факултет во Скопје. Веќе четврта година ги следи студиите по медицина, но ниту еднаш немала можност да гласа на студентски избори и да бира  студентски претставници на својот факултет. Вели дека кај нив нема избрано нов претставник уште од 2013 година, а повеќе од една година немаат ни претседател на парламентот, туку само вршител на должност кој не е избран од студентите.

„Јас сум веќе сум четврта година и не се сеќавам дека во било кој момент ние сме имале простор да пристапиме на Студентскиот парламент. Како студент бев дел од Студентскиот пленум кој беше прва форма во која ние добивме право да зборуваме и да се избориме за нешто“, вели Ангелевска.

Таа припаѓа на единствената генерација од овој факултет која имаше екстерно тестирање, или кај нив  државен испит, на крајот на втората година од студиите. Останатите студенти преку протестите се изборија испитот никогаш да не се случи, но поради фактот што медицинските студии се уредени со посебен закон, овие студенти мораше да полагаат т.н. државен испит.

„Студентскиот парламент во ниту еден момент од тој период не беше со нас за да ни помогне и даде било каква поддршка“,  вели Ангеловска.

Револтирана од тоа што гласот на студентите не може да допре до надлежните, таа учествуваше на денешната тркалезна маса во Скопје, каде студенти ги споделија своите препораки за студентското организирање, до кои дојдоа по спроведените консултации на четири универзитети во земјава.

„Студентите препорачуваат целосна измена и на моделот на студентско организирање и на статутот на студентскиот парламент и на начинот на кој се избираат студентските претставници“, истакна Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум, кои заедно со Фондацијата Отворено општество – Македонија беа организатори на настанот.

Студентите побараа Студентскиот парламент да стане тело во рамки на универзитето кој ќе го контролира неговото финансиско работење, а не како досега, да фигурира како невладина организација. Се бара промена на начинот на изведување на студентските избори за да може на нив да се кандидира секој студент, а студентите наместо само за претседател, да гласаат и за сите студентски пратеници во парламентот. Истовремено бараат и проширување на учеството на студентите во сите поважни тела на факултетите, за да се создаде вистинско студентското тело наместо фигуративен парламент.

„Студентското организирање ја отвори пандорината кутија на УКИМ. Наназад се покажа дека Универзитетот не сака да им помогне на студентите. Оние студенти кои седат во студентскиот парламент и ги бранат правата на студентите, треба да бидат и одговорни. Студентскиот парламент мора да биде тело во рамките на универзитето, затоа што така ќе добиеме поголема кохезија и студентите треба да знаат што е право на глас односно да научат да го користат, а притоа да не бидат тепани од комисиите, како што се случи минатиот пат“, истакна Деа Здравковска, од Студентски Пленум која побара промените побрзо да се случат, а ова да биде последна конференција на која се зборува за студентско организирање.

Поддршка на настанот даде и министерката за образование, Рената Десковска Треневска, која истакна дека без независно студентско организирање  студентите не можат да ги заштитат своите права.

„Но, постои уште една посилна причина или цел зошто ни е потребно студентско тело кое вистински ќе ги претставува студентите, а тоа е автономијата на универзитетите. Досегашните студентски претставнички тела беа подложни на партиски притисоци и влијанија, а со тоа се нарушуваше и автономијата на универзитетот.  Затоа велам дека кога ќе зборуваме за автономија во рамките на високото образование, мојата цел ќе биде автономија во однос на сите, односно автономија кога што ќе значи слобода на истражување, слобода на мисла, слобода на одлучување во однос на сите структури “, рече мистерката Десковска.

Учесниците во дискусијата се осврнаа на конкретни проблеми кои влијаат во студентското организирање, како должината на мандатот на студентските претставници, функцијата на студентскиот правобранител, но и на тоа дали и реформираното студентско тело во иднина треба да продолжи да го носи името Студентски парламент.

Претставниците на парламентот не беа повикани на настанот.

„ Ние не поканивме претставници од Студентскиот парламент бидејќи тоа што сега се случува е критика на она на каков начин се избираа претставниците досега на Студентскиот арламентот. Сметаме дека начинот на кој беа избрани претходните претставници и Давор Поповски како претседател е нелегитимен и затоа сметаме дека не треба да биде дел од овие консултации“, изјави Столевска од МОФ.

Проблемите со студентското организирање се провлекуваат со години,  а ескалираа со контроверзните избори за нов Студентски претседател на УКИМ во 2016 кои завршија со полициска реакција врз студентите. Студентите сега се борат новиот Закон за високо образование да го опфати и реформира студентското организирање и да ги отстрани постоечките проблеми.

Јасмина Јакимова

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: