Во рамките на Напредниот клуб за дебата на Младински образовен форум викендов се одржа еднодневен дебатен турнир. Учество на турнирот земаа 10 дебатери од напредниот клуб кои се натпреваруваа во просториите на МОФ.
Турнирот се состоеше од 5 прелиминарни рунди и финале.Тезата на која се дебатираше е: “Resolved: Just Governments ought to ensure food security for their citizens” (“Праведните Влади треба да обезбедат пристап до соодветна исхрана за нивните граѓани”).
Како најдобри говорници на овој турнир се покажаа:
Кристина Маџовска од гимназијата „НОВА“ – Скопје на прво место
Матеа Коцевска од СУГС „Јосип Броз Тито“- Скопје на второ место , и
Ана Арсовска од гимназијата „НОВА“- Скопје на трето место.
Дебатниот турнир се одржа во Lincoln-Douglas дебатниот формат. Овој стил на дебатирање потекнува од1852 година кога биле одржани серија дебати помеѓу претседателските кандидати Абрахам Линколн и Стивен Даглас. Дебатите кулминирале со историска победа на Линколн која му ја донела победата на изборите.Форматот вклучува двајца говорници во една дебата каде едниот говорник ја брани тезата односно ја претставува афирмативната страна а другиот ја негира односно ја претставува негациската страна. Дебатерите нудат серија на аргументи кои ја поддржуваат страната на која дебатираат.
Младински образовен форум петнаесет години нуди обуки за дебата, аргументирано изразување, јавно говорење во склоп на своите дебатни клубови во 14 градови во Македонија.
Покрај тренинзите дебатерите имаат можност да учествуваат како на национални така и на меѓународни турнири во организација на дебатната програма во МОФ.