Националниот младински совет дава можност на младинските организации директно да се вклучат во проценка на степенот на имплементација на Националната Стратегија за Млади и други политики за млади со цел да се разменат мислења, да се зајакне координираното работење и да се подобрат ефектите од заедничката политика за млади.
Националниот младински совет ќе има за цел да ја следи имплементацијата на политиките за млади (пред се Националната Стратегија за Млади) и да пристапи кон сите релевантни институции за да создаде можности за т.н. структурен дијалог. Предмет на структурниот дијалог помеѓу НМС и државните институции ќе биде воспоставување на заедничка одговорност при имплементација на активностите предвидени со политиките за млади како што е Стратегијата за млади на Република Македонија. Целта на оваа соработка е вклучување на сите форми на младински организации во активен дијалог за решавање на младинските проблеми и потреби, кои во партнерство ќе ги разгледуваат со сите релевантни институции на Република Македонија во чии надлежности спаѓа грижата за младите.
Националниот младински совет создава простор за дијалог и соработка на различни теми од интерес на младите при што ја руши вештачката поделба помеѓу младинските организации
Националниот младински совет ќе овозможи младите преку различните форми на нивно организирање (организации, политички подмладоци, сојузи) да создадат заеднички простор за дијалог, носење на заеднички одлуки и координирана активност со цел подобрување на положбата на младите во општеството. Иако младинските организации работат со многу слична цел, претставување на гласот на младите во различните сфери од општественото живеење, сепак очигледен е недостатокот од заеднички средби на кои младинските активисти ќе разменат мислења и ќе идентификуваат области каде заедно ќе делуваат.
Националниот младински совет има за цел да ги изгради системите за учество на млади и да ги зајакне капацитетите на младинските организации да го поддржат тоа учество
Национален младински совет како чадор организација припаѓа на сите младински организации и се залага да го претставува нивниот интерес. Притоа НМС ќе работи да овозможи младинските организации да имаат развиено капацитет за да можат да работат одржливо и квалитетно. НМС преку своите организации членки ќе се залага самото младинско учество и иницијативност да се зголеми и да добие во значење
Националниот младински совет е платформа во која вашите идеи за младински политики можат да бидат предложени, презентирани и да се здобијат со широко прифаќање од страна на останатите младински организации
Национален младински совет е место за размена на идеи и создавање на младински иницијативи за подобрување на положбата на младите во општеството. Целта не е да создадеме копии од постоечките институции и да повикаме младите да го симулираат нивното работење, туку напротив, да создадеме можности за најразлични организации на млади со најразлични теми да можат да стапат во активен дијалог вреднувајќи ги различните потреби, идеи и мислења. Само на тој начин можно е да се создадат широко прифатени идеи од младите кои може да ги доставиме на релевантните институции. Преку промоција на различните идеи и заедничката акција може да оствариме повеќе и да добиеме поголем приоритет за младите во општествениот дискурс.
Националниот младински совет ви овозможува првовремено информирање за различни теми стратегии и идеи од младинските организации и релевантните институции во овие области
Преку активното членство во Националниот младински совет, младинските организации ќе можат да станат линк помеѓу младите и институциите кои работат со млади пренесувајќи иновативни идеи и планови од една и од друга страна. Националниот младински совет има за приоритет да отвори дијалог со институциите кои работат на прашања кои ги засегаат младите. Преку овој активен дијалог и вашите организации ќе можат да добијат директни информации за идеите на институциите и да предложат свои идеи до релевантните страни.
Националниот младински совет ќе овозможи координација при пристапувањето кон државните институции, локалните самоуправи и меѓународните организации кои работат на прашања кои ги засегаат младите
Ретко кога во Република Македонија постоело заедничко мислење на младинските организации поврзано со одреден проблем пред се поради недостатокот од формални механизми да се изгради такво заедничко мислење или предлог. НМС ќе го воспостави за прв пат тој механизам и ќе се осигура дека информациите за потребите на младите ќе бидат сублимат на сите различни мислења и како такви ќе бидат достапни до сите релеванти чинители. На овој начин ќе се избегне праксата секоја од институциите (државни, локални и меѓународни) да консултира различни организации и да има различни идеи за приоритетите во програмите за млади кои ги спроведува.
Националниот младински совет преку Европскиот младински форум ќе овозможи директно учество на организациите за млади од Македонија во дискусиите за млади на Европско ниво
Одличната комуникација со Европскиот младински форум и Европските институции кои работат со млади (Одделот за Млади при Советот на Европа, Директорат за Млади при Европската Комисија и слични други) ни овозможуваат како НМС да овозможиме официјално присуство на Македонски претставници на нивните средби и на структурниот дијалог кој Европската Комисија го има со младите од Европа. На овој начин потребите и идеите на младите од Македонија директно ќе може да се искомуницираат со релевантните Европски структури. Процесот за формирање на НМС е директно поддржан од Европскиот Младински Форум како гарант за транспарентен, коректен, фер и инклузивен процес.
Националниот младински совет ќе ги поддржи активно младинските организации Македонија во нивниот дијалог и соработка со соодветните младински организации на Европско ниво кои работат на слична тематика
Скоро сите младински организации во Европа членуваат во слични процеси во нивните Национални младински совети. Во Европскиот младински форум постои посебна група во која младинските организации од различни држави заедно разговараат за подобрување на нивната работа и взаемна поддршка на нивните идеи. Во НМС ќе имаме можност за користење на овие добри пракси како и да создадеме нови можности за соработка. Преку НМС ќе се зајакне врската помеѓу Европските младински организации и организациите во Македонија што ќе овозможи поголема размена на информации, мобилност, обуки и заеднички кампањи.