Во вторник, 28.06.2011, Младински образовен форум ги презентираше резултатите од истражувањето во кое се анализираат степенот, механизмите, мотивите и субјектите вклучени во коруптивни активности при процесот на упис на факултет .
Истражувањето се базира на анкетата спроведена помеѓу 330 студенти од 5 различни факултети при УКИМ ( Правен, Филозофски, Филолошки, Машински и Електротехнички ), како и на две фокус групи.
1. Резултатите од реализираните анкети, се следниве:
· Како студентите ги рангираат проблемите во високото образование според важноста?
82% од испитаниците се изјасниле дека најголем проблем во високото образование претставува неодговорното пристапување кон студиите од страна на студентите. Второ рангиран проблем е ниското ниво на обученост на академскиот персонал (81%). 79% го сметаат нискиот квалитет на високото образование за важен проблем, додека проблемот со корупција е рангиран на 4 место (69%).
· Колку е прифатлива корупцијата од страна на студентите?
25% од студентите изјавиле дека би учествувале во давање пари, подароци или услуги при упис на факултет како и за добивање на стипендија. 23% би го сториле тоа со цел положување на испит, додека 20% го оправдуваат давањето пари, подароци или услуги доколку се работи за стекнување на легло во студетски дом.
· Дали и во кој случај студентите би пријавиле корупција со цел нејзино спречување?
36% од испитаниците не би пријавиле давање пари, подароци или услуги преку медијатор, додека 34% не би пријавиле давање пари, подароци или услуги кога е во прашање факултетската администрација. Исто толкав процент не би пријавиле манипулација со квоти за малцинство. Од коруптивните активности, 44% од испитаниците би пријавиле манипулации со конечните списоци за уписи, додека 43% би пријавиле доколку се запознаени со случаи на фалсификување свидетелства.
· Кои се најчестите форми на коруптивни практики при упис на факултет?
63% од испитаниците одговориле дека познаваат некој кој користел пријателски врски за упис на факултет, додека 60% од испитаниците се запознаени со случаи во кои некој користел партиски или роднински врски. 46% од испитаниците се запознаени со манипулација со квотите за малцинства, 41% со давање пари, подароци и услуги на факултетската администрација, а не е непозната ни ситуацијата кога пари, подароци и услуги се даваат на трето лице, преку медијатор ( 37%).
· Кои се најчести иницијатори на корупција при процесот на запишување на факултет?
За најчест иницијатор на корупција при процесот на запишување на факултет, студентите се лоцираат самите себе (26 %). Втор најчест иницијатор се политичките партии (24%), додека професорите се иницијатори во 20% од случаите, а самата администрација во 19%.
· Кои се причините кои ги мотивираат студентите да учествуваат во коруптивните активности при упис на факултет?
Како најчеста причина се наведува притисокот кој го вршат родителите врз потенцијалните студенти (87%), а 79% се изјасниле дека би учествувале во коруптивни активности при упис затоа што сите го прават тоа. Не е за потценување ни тоа што 74% од испитаниците сметаат дека критериумите за упис се премногу строги, па со тоа ги оправдуваат своите постапки. 49% ја наведуваат преголемата конкуренција како мотив за вакви постапки, а 40% го наведуваат влезот во државна квота како причина за учство во корупција при упис.
· Кои се причините поради кои студентите не би пријавиле корупција при процесот на упис на факултет?
91% од испитаниците сметаат дека актот на пријавување би бил против нивниот личен интерес. Високи 90% се изјасниле дека не би сакале истото да им се случи и ним, додека 78% не ги засега оваа појава. 73% сметаат дека со пријавување кај надлежните органи само би ја влошиле сопствената ситуација. Индикативно е тоа што 60 % од испитаниците не би знаеле каде да пријават корупција, дури и ако сакаат тоа да го сторат. 46 % сметаат дека со пријавување на корупција ништо не би промениле.
· Доколку постои иницијатива да се пријави корупција која се случила при процесот на упис на факултет, дали студентите знаат каде да го сторат тоа?
42% од испитаниците одговориле дека би се обратиле до Анткорупциската комисија, 26% кај Студентскиот правобранител, а 20% во Министерство за образование и наука. Само 6% би ја доставиле својата жалба до СПУКМ или одделот за студентски прашања.
2. Резултатите од фокус групите се следниве:
· Една учесничка на фокус групите посочи дека нејзина пријателка лажно се пријавила како Влаинка при упис на факултет со цел да ја искористи државната малцинска квота за Власи.
· Друг учесник посочи на сличен случај каде негов пријател извадил извод од матично каде се претставува како Босанец, иако никогаш претходно не се претставил како таков. Изводот го употребил при упис на факултет со цел да ја искористи соодветната малцинска квота.
· Сите учесници на фокус групите тврдеа дека не знаат каде може да се пријави корупција во процесот на уписи на УКИМ.
· Речиси сите учесници сметаа дека пријавувањето на корупцијата ништо не би променило.
Истражувањето е изведено во рамките на проектот Анти-корупциска студентска мрежа (Anti-Corruption Student Network – ACSN). Во оваа мрежа, од 2004-та година, 5 држави од Југоисточна Европа соработуваат во креирање и имплементација на универзална методологија за мониторинг на корупцијата во високото образование.