Никогаш доволно демократија – 15 септември Меѓународен ден на демократија

Демократијата не е само цел, туку процес воден и зависен од сите граѓани во едно општество. Приклучувајќи се кон одбележувањето на 15ти септември – Денот на демократијата, сакаме да потсетиме на важноста истата да ја градиме заедно и постојано, да укажеме на клучната улога на демократското образование и на централната улога на младите во овој процес.  Важноста на правото на глас и моќта за влијаење на одлуките се симбол на еднаквоста и правото на учество, а ние треба секојдневно да се потсетуваме дека овие начела на владеење на демократијата и правото се наша должност.
Младите во Македонија се родени во демократско општество, но не смеат да заборават дека таа демократија зависи и од младите како индивидуи. За иднината на демократијата застрашувачки се наодите дека средношколците  сметаат дека гласањето на избори не е од голема важност, дека не можат директно нешто да променат во својата заедница или дека не можат да влијаат врз тоа како работат властите. Овие состојби покажуваат дека на демократијата и се заканува само теоретско постоење, кое ќе го префрлиме во пракса и направиме одржливо само ако едуцираме, мотивираме и поттикнуваме  владеење на демократијата.
Одбележувањето и присетувањето на нашите права, можности и предизвиците, е само прилика целогодишните напори и сите наши сили да ги насочиме кон демократијата во еден ден, но не и да помислиме дека нашата работа како младински организации, меѓународни организации или индивидуи завршила овде.
Нашите напори треба да создадат и поддржат постоење на сеопфатен дијалог. Задолжително е да работиме на промовирање на плурализмот и заштита на правата на малцинствата и ранливите и да покажеме дека разновидноста на мислења и ставови е столб на одлуките.
Младите мора конечно да се најдат во центарот на промените и да бидат поттикнати да го користат своето право на глас во процесот на донесување на одлуки. Исклучување на младите соочени со нејасна перспектива за нивната иднина, може само да ја засили создадената апатија кон демократијата.
Од денес до следниот меѓународен ден на демократија има многу работи за кои треба да се избориме, слободи кои треба да ги оствариме и лекции кои треба да ги научиме. Денес е добар ден да се побара младите да можат да ја почувствуваат и вежбаат одговорноста за подобрување на своето општество. А ако тоа веќе го знаеме, денес е добар ден за да се почне со споделување на нашето знаење со останатите во општеството. Да демонстрираме демократија.
СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: