На 9 декември 2014, во хотелот Stone Bridge се одржа конференцијата „Младински политики и учество на младите во креирање политики“ во организација на Националниот младински совет на Македонија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер. МОФ е една од 57те организации членки на НМС.
На конференцијата беа презентирани наодите од истражувањето спроведено од НМС за младинските политики и учество, и беше отворен простор за забелешки и дополнување на финалната публикација.
Наодите од истражувањето се дека младинските претставници на невладиниот сектор како одговорни институции за младите гледат на Агенцијата за млади и спорт, Мистерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република македонија.
Од организациите кои учествувале во истражувањето, 81% сметаат дека се информирани кои закони, акти и документи се однесуваат на младите во земјата. Две третини од организациите некогаш биле консултирани преку дебата или друг процес за креирање на документ од страна на институција. Половина од организаците никогаш не се обратиле во некоја институција за решавање на младинско прашање или проблем, а од оние кои се обратиле само 30% ги оцениле институциите како целосно отворени за соработка.
Финално, 73% од младинските организации сметаат дека младинските организации во целост имаат капацитети да учествуваат во консултативните процеси.
Истражувањето е спроведено преку онлајн прашалник кој го одговориле 36 младински организации и 9 фокус групи со 59 учесници.
На настанот се одржа и тркалезна маса на тематa „Што се младински политики и што треба да регулираме“ на која се отвори дискусија за младинските политики и учеството на младите во Македонија.
Ивана Давидовска, претседателка на Национален младински совет, ја отвори дискусијата со препорака „Младинските прашања мора да станат клучни на институционалната агенда. Потребен е сеопфатен и системски пристап во градењето на политики, според принципите на човекови права, инклузивност, учество, сеопфатност во пристапот, базирано на истражување и докази. И финално, политиките за млади мора да бидат изградени со самите млади“.
г. Марјан Спасески, Директор на Агенцијата за млади и спорт ги повика младинските организации да дадат придонес во процесот на стратешко решение за реалните состојби во младинскиот сектор. Тој исто така најави дека ќе претстои процес на креирање на нова Национална стратегија за млади.
Jоана Косма од Мисија на ОБСЕ во Скопје изјави „Гледаме на младинските политики како начин да се зајакнат можностите за младинските органиации и другите засегнати страни“. Таа изјави дека успехот не лежи во коегзистенција туку соработка.
Проф. Д-р Тања Каракамишева порача „Треба да се истакне потребата од институционална поддршка за младие. Младите мора да ги лоцираат своите проблеми и потреби и да се изборат за соодветни документи“.
Елизабета Марковска Спасеноска, истражувач во полето на младински политики, даде коментар дека младинското учество се гради и во образовението и преку учеството во образовните инстиуции. Таа рече „Отсутстува канализирана поддршка за работа на младинските организации, средношколски организации и студентски организации. Може да имаме перфектни регулации но се додека тоа не дојде од младите луѓе, на тие решенија ќе им треба време да заживеат.“
На настанот, претставниците на младинските организации и институциите продолжија преку работилници да градат заклучоци за дефинирање на најважните фактори и чинители за младинските политики и дефинирање на визијата за идеални младински политики.
Конференцијата е дел од проектот „Евалуација на младинските политики – кон создавање на инклузивни и аргументирани младински политики”.
Националниот младински совет е чадор организација која ја сочинуваат 57 организации за млади и младински организации, и претставува платформа која ги претставува интересите и потребите на младите луѓе како линк со сите засегнати страни.