Нови Средношколски клубови на МОФ

Минатиот викенд започнаа неделните средби на Средношколските клубови на МОФ. Вкупно 35 нови средношколски клубови за Дебата, Учиме Право и Медиа/Арт ги одржаа првите две средби. На бесплатните едногодишни обуки ќе присуствуваат повеќе од 500 средношколци од 25 училишта од Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Битола, Струга, Прилеп и Крушево.

Новите членови на клубовите на МОФ се запознаа со своите предавачи и содржините на кои ќе работат во клубовите од кои се дел. Што е дебата, кои се елементите на дебата и основите на дебатниот формат World School Style, Што претставува правниот систем и основи на демократија и Креативен активизам се дел од содржините кои беа поминати на првите средби.

Клубовите работат по принципот на врсничка едукација и интерактивно неформално образование. Вкупно 80 младински тренери се вклучени во имплементирањето на програмите на почетните и напредните клубови. Целта на средношколските на МОФ е да се поттикне критичко размислување и аргументирано изразување кај младите, да ги запознае младите со човековите права и слободи, демократијата и концептот на владеење на правото и да ги научи како креативно да ги изразуваат своите ставови и идеи.

Сподели