Средношколците од МОФ ја симулираа новата кривична постапка
На 12ти јуни, во судница на Основниот суд Скопjе 1 се одржа јавна симулација „Нулта толеранција за училишното насилство“ преку која средношколците – членови на Младински образовен форум, во улоги на јавни обвинители, сведоци, судии, оштетени и обвинетија презентираа новата кривична постапка.
Целта на настанот е да се промовира новиот Закон за кривична постапка, кој треба да стапи на сила во ноември 2012 година. Предностите на новиот закон се унапредувањето на правата на обвинетиот, еднаквост на “оружјата” во постапката, отстранување на било каква нееднаквост помеѓу државата од една страна и обвинетиот од друга страна, брза и ефикасна постапка водена од страна на обвинителот како и можност за спогодување за казна уште во моментот на истрагата. Со новата постапка судот донесува одлука базирана исклучиво на фактите и доказите кои ќе ги слушне во судницата. Согласно стариот закон за кривична постапка, активната улога на судот во истрагата овозможуваше монопол врз целокупната кривична постапка, а со тоа и нееднаква положба на обвинетиот од една страна и судот од друга страна.
Покрај средношколците, на настанот се обратија и Амбасадорот на САД во Република Македонија, Пол Волерс, членот на Советот на јавни обвинители и Виш јавен обвинител, Момир Маричиќ и извршниот директор на МОФ, Марјан Забрчанец.
„Преку Учиме право клубовите, средношколците имаат можност да учат и да бидат инволвирани во спроведувањето на владеењето на правото. Симулациите на судските процеси, во кои беа инкорпорирани измените на новиот Закон за кривична постапка, им дадоа на овие млади, како и на стотици други ширум Македонија, можност одблиску да се запознаат со судските процеси.
Луѓето од сите профили треба да имаат основни познавања за законите кои ги управуваат, како и за нивните права и одговорности предвидени со тие закони. Со вклучувањето на јавноста во овој дијалог, со тоа што на луѓето како што се овие средношколци, им се овозможува да ги разберат процесите, може да изградиме поефикасен и потранспарентен законски систем пред кој сите граѓани се еднакви“ – изјави Пол Волерс, Амбасадорот на САД во Македонија.
Јавноста за прв пат имаше можност да проследи вкрстеното испрашување кое овозможува контрадикторност помеѓу странките, кои со нивната активна улога и аргументација ги докажуваат пред судот тезите кои ги застапуваат. Крајната одлука во оваа симулација зависеше од моќта на странките да го убедат судот во вистинитоста на нивните тези. Случајот кој е разработен во симулацијатасе однесува на група млади кои учествуваат во тепачка во училиште, причинета од расправија заради девојка. Настанот испрати порака дека насилството е недозволено, кривично санкционирано, дека младите треба да се свесни за последиците од насилството кое не претставува начин за комуникација помеѓу младите и дека толеранцијата и дискусијата се соодветна алтернатива за демократско решавање на конфликти.
„Законот за кривичната постапка е мал устав на човековите права, устав за нивната заштита и начин на справување со злоупотребата. Сакам да нагласам дека светот е отворен и за нас, но дека и ние ќе бидеме рамноправни во релациите важни за развојот на човековите права и слободи, со цел да имаме правна сигурност и рамноправни граѓани“ – изјави Момир Маричиќ, претставник на совет за јавни обвинители.
Симулацијата е дел од проектот “Младите практикуваат владеење на право”, поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија. Во рамките на проектот, учениците од Скопје, Тетово, Струга, Штип и Радовиш имаа можност да се запознаат со основните човекови права, остварија посета кај Народниот правобранител, локалните самоуправи, кривичните судови и се запознаа со новата кривична постапка.