Обуката за нови предавачи по Учиме право е редовна годишна активност на програмата Учиме право и има за цел подобрување и зголемување на капацитетите на телото на предавачи. Станува збор за тренинг на тренери кои откако успешно ќе ја поминат дводневната обука, ќе добијат прилика да се вклучат во работата на Учиме право клубовите низ Македонија, како и во останатите програмски активности на Младински образовен форум.
Учиме право програмата за оваа учебна година ќе се спроведува во Скопје, Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес и Куманово.
Овогодинешната обука ќе се одржи на 21 и 22 ноември 2015 година (сабота и недела) во Скопје.
Овој настан е предводен од страна на постари предавачи со искуство во полето на неформалното образование, работа со средношколци и водење на Учиме право клубови, како и организирање на јавни настани и активности за потребите на Учиме право и МОФ.
Право на пријавување имаат сите студенти по право на државен или приватен Правен факултет, како и дипломирани правници и магистри по право. Со оглед на специфичниот карактер на програмата, пожелно е пријавените учесници да се запишани минимум во втора година на правни студии. Особено ги охрабруваме оние правници кои имаат познавања од македонски и албански јазик.
Како и секоја година, така и оваа ќе се започне со презентација на работата на Младински образовен форум, како и на програмата Учиме право, за подоцна селектираните учесници да добијат можност да се запознаат со методологијата на Учиме право предавањата, интерактивните методи и техники на неформалното образование, а ќе имаат и можност да видат во која насока би требало да се одвива еден час по Учиме право. Она на што посебно се обрнува внимание е неформалниот карактер на предавањата и опуштената атмосфера во која средношколците би требало да се стекнат со нови знаења и познавања од областа на правото.
Учесниците ќе подготват презентација на еден час пред останатите учесници на којшто ќе имаат можност да ги вметнат сите методи и техники стекнати од обуката и ќе добиваат повратни коментари и забелешки од страна на постарите предавачи во однос на тоа како го организирале и извеле часот, со цел да ги подобрат идните предавања во клубовите.
На крајот од обуката, присутните учесници ќе добијат сертификат за учество и успешно помината обука и од истите ќе се очекува активно учество во клубовите и програмските активности на Учиме право, но и во оние на МОФ.
Оваа година, за одбраните учесници и активните членови на телото на предавачи ќе се одржи и обука за правото на приватност и заштита на личните податоци во соработка со Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија, која ќе следува непосредно по обуката за нови предавачи.
Обуките ќе се одвиваат на македонски јазик. Заинтересираните испраќаат свое CV на ucime_pravo@mof.org.mk со назнака „Обука за нови предавачи“ и го пополнуваат овој формулар.
За дополнителни прашања и информации, јавете се на 02 3 139 692 или пишете на ucime_pravo@mof.org.mk