Обука за нови предавачи по Учиме право 2014/2015

Обуката за нови предавачи по Учиме право е редовна годишна активност на програмата Учиме правои има за цел подобрување и зголемување на капацитетите на телото на предавачи. Станува збор за тренинг на тренери кои откако успешно ќе ја поминат дводневната обука, ќе добијат прилика да се вклучат во работата на Учиме право клубовите низ Македонија, како и во останатите активности на Младински образовен форум.

Овогодинешната обука ќе се одржи на 08 и 09 ноември 2014 година (сабота и недела) во Скопје.

Најпрвин ќе се презентира работата на Младински образовен форум и програмата Учиме право, а потоа избраните учесници ќе се запознаат со методологијата на Учиме право предавањата, интерактивните методи и техники на неформалното образование, а ќе имаат и можност да видат во која насока би требало да се одвива еден час по Учиме право. Особен акцент се става на неформалниот карактер на предавањата и опуштената атмосфера во која средношколците би требало да се стекнат со нови знаења и познавања од областа на правото.

Селектираните кандидати на оваа обука ќе се подготват за презентација на еден час пред останатите учесници и ќе добиваат повратни коментари и забелешки од страна на постарите предавачи во однос на тоа како го организирале и извеле часот, со цел да ги подобрат идните предавања во клубовите.

Целата обука ја водат постари предавачи со искуство во полето на неформално образование, работа со средношколци и водење на Учиме право клубовите, како и организирање на јавни настани и активности за потребите на Учиме право и МОФ.

На крајот на обуката, присутните учесници ќе добијат сертификат за учество и успешно помината обука и од истите ќе се очекува активно учество во клубовите и програмските активности на Учиме право, но и во оние на МОФ.

Оваа година, Учиме право програмата ќе се спроведува во Скопје, Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Штип, Гевгелија, а ќе се направат напори за отворање на клубови и во Прилеп, Куманово и Гостивар.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: