Обуката за нови предавачи по Учиме право која редовно се одржува секоја година во октомври или ноември, оваа година ќе се одржи на 23 и 24 ноември 2013 година во Скопје.
Станува збор за тренинг на тренери кои откако успешно ќе ја поминат обуката, понатаму се вклучуваат во предавањата во Учиме право клубовите низ Скопје и останатите градови во државатакако волонтери под менторство на постарите и поискусни предавачи.
На оваа обука, учесниците се запознаваат со разни интерактивни методи и техники на предавање кои понатаму ќе ги применуваат на предавањата, елементи на добра лекција и како всушност треба еден училишен час да се одвива.Понатаму, тие самите се подготвуваат за презентација на еден час пред останатите учесници и предавачите, пришто добиваат повратни коментари и забелешки во однос на тоа како го организирале и како го воделе часот. Секогаш се обрнува посебно внимание на неформалниот карактер на овие предавања и интерактивниот пристап кој треба да понуди свежина и различност во училниците.
Обуката ја водат постари предавачи со повеќегодишно искуство во полето на неформално образование, водење на клубови по Учиме право, работа со средношколци, организирање на јавни настани и работилници.
На крајот на обуката, избраните кандидати добиваат сертификати за учество и успешно помината обука, пришто од нив се очекува и бара да земат активно учество во програмата Учиме право, но и во сите останати активности на Младинскиот образовен форум.
Учиме право програмата успешно се спроведува веќе 13 години во Скопје и во 8 градови низ Македонија: Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Штип, Радовиш, Делчево, а од оваа година ќе се воспостави соработка и со Куманово и Гевгелија.