Триесетина млади луѓе од целата земја беа дел од првиот Онлајн Тренинг за Тренери за средношколските клубови на МОФ. Тренингот за нови дебатни тренери се одржа на 26-ти и 27-ми септември 2020, додека пак оние за тренерите за клубовите за артивизам и средношколските учиме право клубови се одржаа на 3-ти и 4-ти октомври.
Ваквиот тренинг, кој редовно се одржува на почетокот на секоја учебна година, има за цел да ги обучи нашите нови тренери за водење на онлајн клубовите во текот на претстојната година.
Во склоп на дводневните обуки беа реализирани неколку предавања на кои учесниците се запознаа со годишниот курикулум и тематските целини кои програмите ги нудат на своите членови. Ним исто така им беа пренесени и многубројните методолошки знаења, вештини и концепти за работа со млади средношколци од страна на нашите поискусни тренери.
Дополнително, учесниците беа обучени и како да ги водат и менаџираат своите идни клубови во текот на годината, но беа запознаени и со различните виртуелни алатки и платформи со помош на кои би реализирале современи и интерактивни онлајн предавања. Па така, дел од целите на овие тренинзи беа и пренесување на конкретни методолошки знаења и вештини за онлајн работа со млади луѓе. Учесниците беа запознаени со сите општи насоки, методи, техники, материјали, содржини и обврски за ефективно водење на клубовите. Тренингот ги запозна учесниците со методите на неформалното образование, одредени интерактивни пристапи во пренесување на знаења, вештини и креирање на предавања за млади.
Ѓорѓи Димески и Соња Митиќ работеа со новите дебатни тренери, Фари Хисени и Ристо Савески го спроведоа тренингот за новите учиме право предавачи, додека пак Ивона Кузмановска и Панде Ефтимов предаваа на обуката за новите предавачи во клубовите за артивизам.
Главната цел на овој Тренинг беше да се обучат идните тренери успешно да ги пренесуваат своите знаења од полето на дебатата, младински активизам и учиме право на помладите членови, но и да им помогнат во приспособувањето на кон онлајн предавањата кои би се реализирале во текот на оваа учебна година.
Обуките за новите предавачи на младинските клубови на МОФ се спроведоа во рамки на проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики и со поддршка од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.