Викендот 21-23 септември во Скопје, во Јавна соба се одржа Тренинг за нови тренери во младинските клубови на МОФ.
Тренингот беше наменет за членови на МОФ кои имаат поминато неколку годишни обуки како членови во клубовите за Дебата, Учиме Право или Медиа/Арт, а сакаат понатаму да останат вклучени во истите и активно да придонесат во процесот на неформално образование на млади.

Тренингот за тренери беше поделен во три паралелни траки, соодветно на програмите во склоп на кои работат младинските клубовите на МОФ: Дебатна трака, трака за нови предавачи во Учиме право клубовите и трака за предавачи во Медиа/Арт клубовите.

Ѓорѓи Димески и Вилдан Дрпљанин ги водеа предавањата за новите предавачи во дебатните клубови. За време на сесиите на тренингот тие поминаа содржини од областа на: користење на дебатата како едукативна алатка, основи на World Schools форматот, аргументација и видови аргументи, улога на говорници во една дебата и видови тези на кои може да се дебатира. Вкупно 15 млади луѓе активно учествуваа на овие предавања.

Идните предавачи во Учиме Право клубовите имаа прилика да дискутираат за интерактивни методи преку кои младите може да се запознаат со основите на правниот систем и како на новите членови да им се приближат содржини од областа на: основни човекови права и слободи, казнено и граѓанско право и институции и политики на Европската унија. Со 6те учесници во оваа трака работеа Ивана Петковска и Лејла Тутиќ.
Антевски Петар и Ивона Кузмановска работеа со новите предавачи во Медиа/Арт клубовите. Групата од 6 предавачи работеше на теми од областа на: креативност на улица, слободно изразување, онлајн наспроти офлајн, активно граѓанство и редефинирање на простор.
Учесниците на овој Тренинг за тренери учествуваа во теоретски и практичен дел каде покрај тоа што имаа прилика да учат од искуството на предавачите и да дискутираат за нивната улога како предавачи кои ќе водат младински клубови, поставуваат прашања, решаваа ситуациони проблеми и направија свои пробни предавања и презентации. Тие ќе имаат прилика активно да се вклучат во работат на младинските клубови кои ќе функционираат во академската 2018/2019.
Тренингот за тренери е дел од Проектот за младинско изразување, Youth Expression Project, финансиран од Европската Унија. Проектот го спроведува Младински образовен форум во соработка со Центарот за балканска соработка – ЛОЈА и Младински сојуз – Крушево.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: