Одржана обука за младински права и механизми за нивно остварување

На 16 и 17 ноември во Скопје се одржа обуката за младински права и механизми за нивно спроведување, организирана од страна на Младински образовен форум во рамки на проектот “Советодавен сервис за права на млади”, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Обуката за младински права е прва активност во рамки на проектот која има за цел проширување на знањеата и зајакнување на капацитетите на телото на предавачи по Учиме право. Во рамки на проектот “Советодавен сервис за права на млади” се формира инфо-канцеларија за права на млади која ќе биде отворена за младите и ќе понуди одговор на голем број прашања на младите во правец на полесно остварување на нивните права. Инфо-канцеларијата е замислена како сервис кој ќе понуди offline и online консултации и советувања за млади во три категории: средно образование, високо образование и млади и комуникација со релевантни органи и институции кои работат во области кои ги засегаат младите.

Дваесеттина млади правници, студенти по право, магистри по право а некои веќе и со положен правосуден испит кои се долгогодишни предавачи по Учиме право присуствуваа на обуката за младински права и механизми за нивно остварување која им овозможи проширување на знаењата за правата на младите, правата на средношколците и студентите и начинот на кој тие можат да се остварат и заштитат во случај на повреда. Учесниците на обуката имаа можност да слушнат повеќе за правните потреби на младите во Република Македонија и кои се проблемите со кои тие се соочуваат. Посебен акцент на обуката беше ставен на дискриминацијата, работата на практични случаи пред Народен правобранител, пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред Уставниот суд на Република Македонија. Покрај механизмите за заштита и остварување на правата на младите, учесниците работеа и на правната рамка, законски и подзаконски акти, политики во високо и средно образование и најчести проблеми со кои реално се соочуваат младите во Република Македонија и механизми на заштита. Практичниот аспект на оваа обука и богатото искуство на предавачите во областа им овозможија на учесниците да видат како се одвива постапката во случај на повреда на правата и кои се надлежните органи и институции за одлучување во конкретен случај.

Проектот „Советодавен сервис за права на млади” е проект на Младински образовен форум од Скопје, поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје, кој се спроведува во периодот од октомври 2013 година до септември 2014 година. Целта на проектот е обезбедување советувања за млади со цел полесно остварување на нивните права низ лавиринтите на образовните и државните институции. Проектот е замислен како советодавен сервис кој што ќе ги информира младите за нивните слободи и права, ќе споделува информации кои ги засегаат младите и ќе дава одговори што ќе водат кон полесно остварување на нивните права.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: