На 08 и 09 ноември (сабота и недела), 2014 година се одржа обуката за нови предавачи по Учиме право која имаше за цел да го освежи телото на предавачи и да ги надгради неговите капацитети. Во просториите на Ромаверзитас (партнерска организација на Младински образовен форум која работи на полето на образование на млади Роми), 23 учесници од Скопје, Тетово, Кичево, Охрид, Струга, Прилеп, Велес, Неготино, Куманово и Струмица зедоа активно учество за време на целата обука и се запознаа со суштината на Учиме право програмата, клубовите и предавањата.
Учесниците на оваа дводневна обука беа избрани врз основа на поднесената апликација која се состоеше од кратка биографија (Europass CV)и пополнување на формуларот кој беше наведен во јавниот повик кој го распиша Младински образовен форум.
На почетокот на обуката, координаторот на програмата Димитар Низамовски ги поздрави учесниците и подетално го претстави МОФ и неговите цели, мисија, програми и програмски активности, ги запозна присутните со програмата Учиме право и со можностите за вклучување во активностите не само на Учиме право, туку и на МОФ воопшто.
Потоа, Кристина Митрова (поранешен координатор на Учиме право) и Диана Близнаковска (поранешен предавач и член на Управниот одбор на МОФ) одржаа сесија на која зборуваа за елементите на една квалитетна лекција, како најдобро и најлесно може да се задржи вниманието кога се учи нешто ново, ја презентираа методологијата на Учиме право и ги претставија интерактивните методи на неформалното образование кои можат да се имплементираат во предавањата.
Според агендата, на ред дојде и демонстрацијата на еден час по Учиме право кој го одржаа Искра Кочова и Давид Мијовски, членови на телото на предавачи. Се обидоа на најпрактичен начин да им доловат на учесниците како треба да изгледа едно предавање за средношколците. Потоа одговараа на поставените прашања.
На крајот на првиот ден, учесниците беа поделени во 5 тима и секој тим доби задача да осмисли еден час по Учиме право и да презентира одредена тема.
Во неделата, сите 5 тима презентираа различни лекции и добиваа повратни коментари и забелешки од постарите предавачи во насока на подобрување на некои елементи од предавањето, како и нивни индивидуални карактеристики како предавачи.
На крајот на обуката, присутните добија сертификати за успешно помината обука за нови предавачи по Учиме право, па наскоро ќе се одржи и првиот координативен состанок на кој истите ќе се распределат по градови и клубови. Од новите асистент-предавачи се очекува да земат активно учество во програмата и спроведувањето на активностите под менторство на постарите и поискусни предавачи.