На 21 и 22 ноември (сабота и недела), 2015 година во просториите на Канцеларија за млади на општина Центар се одржа обуката за нови предавачи по Учиме право. На овој настан активно учество земаа 22 учесници од Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Ресен, Прилеп, Неготино и Куманово. Овие учесници беа избрани врз основа на поднесената апликација која се состоеше од кратка биографија и пополнување на формуларот кој беше наведен во јавниот повик кој го распиша Младински образовен форум.
Обуката започна со поздравување на учесниците од страна на координаторот на програмата Димитар Низамовски, потоа следеше претставување на МОФ и неговите цели, мисија, програмски активности, како и претставување на можностите за вклучување во активностите не само напрограмата Учиме право, туку и на МОФ.
Првата сесија од оваа обука се однесуваше на тоа како треба да изгледа една добра лекција, односно на кој начин и со кои методи може да се добие и задржи вниманието на аудиториумот. Истата беше презентирана од страна на Димитар Низамовски и Ратко Ајцев (член на телото на предавачи). Тие ја објаснија и методологијата на предавањата по Учиме право како дел од неформалното образование.
Сесијата за интерактивните методи на неформалното образование кои што можат да се користат во едно предавање ја одржаа Димитар Низамовски и Давид Мијовски. Постапно ги презентираа методите и детално ги објаснуваа преку практични примери и нивна примена.
Според агендата, Димитар Ванчов и Нена Николовска (членови на телото на предавачи) ја одржаа сесијата за демонстрација на предавање по Учиме право. Првиот ден заврши со поделба во 5 групи каде што учесниците имаа задача да подготват и одржат еден час по Учиме право и да го презентираат пред останатите учесници, како и назначување на ментори кои ќе помагаат на учесниците.
Следниот ден сите групи ги презентираа своите лекции, добиваа повратни коментари и забелешки од страна на постарите предавачи и членови на МОФ во насока на подобрување на предавањето и нивните презентациски вештини и способности.
На крајот од обуката, присутните добија сертификати за успешно помината обука за нови предавачи по Учиме право, а наскоро ќе се одржи и првиот состанок каде што тие ќе се распределат по градови и клубови. Откако ја поминаа оваа обука, новите асистент-предавачи се очекува да земат активно учество во програмата и спроведувањето на активностите под менторство на постарите и поискусните предавачи.