Oдржана трибината „Предизвици за младите: Oстварување и заштита на правата – Што прашуваат младите?“

На 23ти септември со почеток во 13:00 часот, во просториите на Американското Катче во Штип се одржа трибина на тема „Предизивици за младите: Oстварување и заштита на правата – Што прашуваат младите?“, организирана од страна на Младински образовен форум во соработка со Американското Катче Штип, во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“, спроведуван од Младински образовен форум а поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје. На трибината се промовираше брошурата „Предизвици за младите: Oстварување и заштита на правата – Што прашуваат младите?“ и се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат младите, средношколците и студентите. Целта на оваа брошура која е анализа на случаите во кои постапувал советодавниот сервис за права на млади, е да им помогне на средношколците, студентите, младите, како да постапуваат во слични ситуации и да најдат одговор на своите прашања, дилеми и проблеми.

Оваа трибина е последна петта трибина по ред во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“ на која се промовираа заклучоците и препораките и случаите во кои постапуваше советодавниот сервис за права на млади. До средината на месец септември беа одговорени повеќе од 50тина прашања поставени од средношколци, студенти и млади луѓе. Во однос на целната група , односно луѓето кои ги поставуваа прашањата беа на возраст од 16 до 27 години а советодавниот сервис за права на млади во рок од 7 дена ги советуваше како да постапат во конкретен случај и како полесно да го остварат односно заштитат своето право. Советодавниот сервис постапувајќи по пристигнатите прашања, изготви вкупно осум практични обрасци (приговори, барање, молба, изјава) со цел да им биде полесно на средношколците и студентите да ја отпочнат постапката за остварување на своето право.

Координаторот на проектот Кристина Митрова, ги повика младите да се залагаат за остварување на своите права, ги охрабри да поставуваат прашања и да не се откажуваат во борбата да го остварат своето право. „На вас оставаме да продолжите и понатаму да прашувате, и остварените права во конкретен случај како успешна приказна да бидат ваша инспирација и вие без страв и двоумење да се залагате за остварување на вашите права“ рече Кристина.

Говорници на оваа трибина беа и Заменик народен правобранител од Штип г-ѓа Елена Ѓоргоноска Маневска како и г-ѓа Снежана Теодосиеска Јордановска од Канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје, кои ги запознаа младите со улогата на Народниот правобранител во унапредувањето и заштитата на правата на младите и одговорија на голем број прашања поставени од нивна страна. Заменик народен правобранител од Штип г-ѓа Елена Ѓоргоноска Маневска ги охрабри младите да се залагаат за остварување на своите права, ги повика да се обратат во Канцеларијата на народниот правобранител која е отворена за младите секогаш кога сметаат дека некое нивно уставно и законско право е повредено. Дел од присутните млади го кажаа својот проблем и поставија прашања, на кои од страна на претставниците од Канцеларијата на Народниот правобранител им беше даден одговор како да постапат понатаму за да го остварат своето право.

На трибината говорник беше и Иван Тасевски, потпретседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Зборувајќи за улогата и значењето на студентското организирање тој посочи „Студентскиот парламент е линкот кој ги поврзува студентите со деканатот и ректоратот и ние сме одговорни за одбраната, заштитата и унапредувањето на правата на студентите“.

На присутните се обрати и Христијан Тасевски претседател на клас во СОУ„Славчо Стојменски“ од Штип кој зборуваше за улогата на претседателот на класот во заштитата и остварувањето на правата на средношколците.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: