Одржани две еднодневни обуки за зајакнување на капацитетите на 15 наставници од три средни скопски училишта
На 11ти и 12ти декември Младински образовен форум организираше 2 еднодневни обуки за 15 наставници од СУГС „Орце Николов“, СУГС „Георги Димитров“ и СУГС „Зеф Љуш Марку“ за зајакнување на нивните капацитети и подобрување и поголема разновидност на методологијата при изведување на наставата во училница. Обуките се дел од Проектот „Средношколски клубови за ученички права, слободи и различности“, поддржан од Град Скопје – секторот за образование.
Првата обука „Дебата во наставата“ се одржа на 11.12.2018 (вторник) во просториите на хотел Карпош и беше насочена кон употреба на дебатата како алатка за време на часовите. Сесиите ги опфатија разликите помеѓу дискусија и дебата, основите и форматите на дебата кои професорите би можеле да ги употребат, како и примери за презентативни дебати кои би можеле да им бидат интересни на учениците.
На вториот ден (12.12.2018, среда), обуката „Креативни алатки за пренесување на знаења од правото“ ги претстави главните методи и техники на предавање кои се користат во рамките на нашите Учиме право клубови, како и совети и насоки за тоа како да се организира симулација на работата на државен орган или институција, организирање на предавање од страна на експерт или посета на државна институција со цел да им се доближи нејзината работа на средношколците.
На овие обуки, учество земаа професори од следниве области: Мајчин јазик, Логика, Филозофија, Социологија, Етика, Бизнис и Економија, односно предмети на кои најмногу може да се развие дебата за одредено прашање или да се имплементираат овие интерактивни методи и техники на предавање кои особено се користат во неформалното образование.
Младински образовен форум и понатаму останува отворен за соработка со наставниците и средните училишта на Град Скопје, но и со останатите средни училишта ширум државата, имајќи на ум една иста цел, а тоа е интересот на учениците и нивниот развој како личности и граѓани на ова општество.