Од 15-ти до 17-ти декември 2023 година во СУГС Гимназија „Орце Николов“ се одржа Националното дебатно првенство за почетници на кое учествуваа 50 дебатни тимови, со над 150 учесници и 70 судии. И оваа година почетниците ги покажаа своите дебатерски вештини и се бореа за титулите најдобар тим и најдобар говорник.
Учесниците кои оваа година започнаа како членови на дебатните клубови на МОФ, овој викенд имаа шанса подобро да се запознаат со важноста на компетитивната дебата, а преку тоа со критичкото размислување и аргументираното говорење. Овогодинешната главна теза гласеше: „Овој Дом би им забранил на сите земји кои кршат човекови права да учествуваат на сите големи меѓународни настани.“
По три дена интензивно дебатирање, победата ја освои тимот составен од Борјан Стојковски, Леона Ширкова и Ивона Јуркова. Второто место припадна на тимот составен од Јована Јаневска и Ана Антовска, а за најдобри говорници на дебатниот турнир за почетници прогласени беа Максим Јосевски на прво место, Богдан Баџуков на второ место, а третото место ѝ припадна на Софија Антова.
Успехот на дебатното првенство беше доказ за напорната работа на младите дебатери, нивната посветеност и стекнатите вештини за критичко размислување и аргументирано говорење. Пехарот, медалите и сертификатите, им ги врачија Дора Смилевска, програмска координаторка на Дебатната програма и Весела Трајковска, долгогодишен предавач во младинските дебатни клубови.
Истакнувајќи ја важноста на критичкото размислување, ефективната комуникација и граѓанскиот дискурс во нашето општество, турнирот обезбеди платформа за младите умови да се вклучат во конструктивен дијалог и да учат едни од други, што на крајот ќе придонесе за растот и развојот на нашето општество.
Национално дебатно првенство за почетници се спроведе во рамки на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за лицата под мандатот на УНХЦР” кој Младински образовен форум го спроведува во партнерство со Канцеларијата на Висок комесаријат на ООН за бегалци (УНЦХР).