Одржано осмото издание на Станица: Студентска

Вчера го организиравме осмото издание на Станица: Студентска, после 4 годишна пауза. Настанот се одржа на Градежниот факултет при УКИМ.

На овој настан, експерти одржаа предавања на актуелни теми како: вештачка интелигенција, започнување на свој бизнис, права при контакт со полиција, како е да се биде млад автор, помирување и градење на мирот во регионот и истражување на пештерите. Се одржаа и работилници за печатење торби и поправање и одржување на велосипеди.

Станица: Студентска 8 вклучуваше и саем на организации кои ја презентираа својата работа и ги претставија програмите за млади во областа на неформалното образование, младинскиот активизам, одржливиот развој, екологијата и културата.

Истиот послужи и како можност за запознавање меѓу студентите и младите и нивна дружба во холот и дворот на Градежниот факултет во Скопје.

Настанот беше во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), со поддршка од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ).

Сподели