Активисти, истражувачи и студенти од Албанија , Северна Македонија и Србија се собраа изминатиов викенд во Тирана на официјалното започнување на Регионалната програма за мобилност на млади лидери #RYLMP.
Настанот го означува почетокот на програмата која има за цел да ги поттикне младите луѓе од трите земји да истражат младински трендови и проблеми во регионот и да влијаат на креирањето политики кои соодветствуваат на наодите.
Во текот на периодот што престои, учесниците ќе престојуваат во Тирана, Белград и Скопје, кадешто ќе работат со ментори за да спроведат истражување, собирање и анализирање на податоци за акции за застапување и лобирање. Темите за застапување оваа година се однесуваат на низа прашања поврзани со младите, вклучително и младинско учество, миграција и одлив на мозоци, невработеност и регионална соработка.
Со нетрпение го очекуваме придонесот што оваа програма ќе го има врз зајакнувањето на регионалната младинска соработка.
Поддршката за овој проект е обезбедена од канцелариите на Фондација Отворено Општество во Албанија, Србија и Северна Македонија.