Во период на општествена изолација и прекин на традиционалниот образовен процес, Младински образовен форум учествуваше во создавање на виртуелен простор за дијалог помеѓу различни засегнати страни во сферата на образованието и младинскиот активизам.
Имено, на 5-ти мај се одржа онлајн дебата за тековните предизвици со кои младите се соочуваат во нашето општество. Учесници на оваа дебата беа учениците-членови на Сојузот на средношколци на РСМ, а како говорници се вклучијаАмбасадорот на ЕУ, г-дин Самуел Жбогар, Министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми, Претседателот на Сојузот на средношколци на РСМ, Бленди Ходаи, Претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Борјан Ефтимов и Претседателката на Младински образовен форум, Стефани Спировска.
Во склоп на дебатата, активно се дискутираше за состојбата на образовниот процес во РСМ, а учениците даваа и свои препораки како да се надминат одредени образовни предизвици. Главниот фокус беше ставен на прашањата за онлајн наставата и укинувањето на матурата за оваа година како резултат на општествената ситуација со вирусот COVID – 19. Секој од говорниците јасно ги аргументираше своите ставови за овие прашања и придонесуваше кон збогатување на дискусијата.
Во склоп на дебатата се дискутираше и на темата младински активизам во РСМ и начинот на кој може и треба да се обезбеди деполитизација на младите при нивното спроведување на општествено ориентирани активности и подвизи. За крај, се заклучи дека е потребно кохезивно да пристапи кон решавање на младинските предизвиците и постојано да се вложува во подобрување на положбата на младите во општеството.
Извадок од оваа дебата може да погледнете на следниот линк.
Оваа дебата беше реализирано во соработка со делегацијата на Европската Унија во РСМ, Europe House и Сојузот на средношколци на РСМ. МОФ веќе подолг период успешно соработува со Европската делегација и Europe House во спроведување на ЕУ дебати со средношколци во различни градови од нашата земја.