Членовите на клубовите Артивизам на МОФ изработија кампања за електронски и електричен отпад и креираа мапа на места со локации каде може да се однесе е-отпадот и надлежните да го дислоцираат соодветно. Во рамките на оваа акција беше вклучено мапирање, креирање прашалник за електронски отпад и селекција. Целта на кампањата е да се намали загадувањето на
животната средина преку запознавање на граѓаните со соодветните пунктови за дислоцирање на е-отпадот од домаќинствата.
Електричните и електронските апарати во својот состав содржат олово и други токсични елементи, кои имаат штетно влијание врз здравјето на човекот, но предизвикуваат и загадување на почвата, и водата. Со рециклирањето се намалува негативното влијание врз животната средина и еколошките ризици, здравјето на луѓето, природните живеалишта, флората и фауната.
Прашалникот, кој го одговорија 144 луѓе, беше дел од кампањата на Младински образовен форум и служеше за добивање информации, податоци и статистики поврзани со начинот на отстранување на електронскиот и електричен отпад во државата.
Со цел да се намали ризикот од загадување на животната средина и да се елиминираат негативните ефекти врз нашето здравје, електронските и електричните уреди треба соодветно да се рециклираат односно да не се фрлаат со комуналниот отпад, туку да се предадат на фирма овластена за рециклирање на е-отпад.
Оваа кампања е во рамки на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.