Повеќе од 390 млади, во изминатите два месеци, имаа можност да ги проследат младинските Онлајн (Из)Вонредни предавања во организација на Младински образовен форум. Низ десетте отворени предавања, одржани од страна на МОФ членови и алумни,
беа опфатени најразлични теми од повеќе области, како дебата, екологија, меѓународни односи, статистика, право, технологија, театар, медицина, социјална еднаквост, космологија, филм и феминизам.
Користејќи ја платформата за видео-комуникација ‘Zoom’, ваквите предавања беа одлична можност за учесниците да дознаат нешто повеќе за различните проблеми, процеси и случувања со кои секојдневно се среќаваат. Меѓутоа, покрај просторот за едукација, предавањата понудија време и место за постојана едуктивна интеракција помеѓу учесниците во периодот на вонредната состојба.
Преку (Из)Вонредните предавања, учесниците имаа можност да научат нешто повеќе за тоа кои се причинители на природните катастрофи и какви се природни предизвици не очекуваат во иднина, да научат како подобро да се ‘караат’; на интернет, се едуцираа за меѓународните односи во светот, за подобро осознавање и анализирање на светот преку статистики и податоци, за важноста на правото, театарот, уметноста, филмот, но и универзалниот пристап до здравствена заштита.
Преку сите овие теми прикажани низ повеќе од 1000 минути и дополнети со стотина прашања, Младински образовен форум, и во целосно променето општественофункционирање, продолжи да го прави она што успешно го реализира веќе 21 година –
креирање простор за волонтирање, споделување знаење и младинска дискусија.
ИзВонредните предавања се дел од Проектот за ангажирање на младите и студентите за младински политики, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.