Отворен е повик за Летен камп за медиумска и информациска писменост и интеркултурен дијалог во Мојковац

Имаш идеја како да обработиш одредена тема од областа на медиумите, медиумската писменост и интеркултурниот дијалог? Покрај тоа, имаш искуство во креирање медиумски содржини и кампањи од оваа област или те интересира како да научиш? Имаме вистинска вест за тебе!

Во рамки на проектот „Youth in Western Balkans – A Virtual Postcard“ заедно со партнери од Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, распишуваме заеднички повик за Летен камп во Мојковац (Црна Гора), кој има за цел продукција на мултимедијални содржини. Летниот камп ќе се одржи од 19 до 22 јуни 2025 година во Хотел и Резорт Гачка, а трошоците за патување и сместување се покриени од страна на организаторите. Работниот јазик на кампот е англиски.

Што се очекува од тебе?

  • Да имаш помеѓу 18 и 30 години
  • Да учествуваш активно на кампот во Мојковац
  • Потенцијално да имаш идеја/тема на која би сакал/а да работиш со ментор/ка
  • Да знаеш или да сакаш да научиш како да ги препознаваш стереотипите во медиумите и на социјалните мрежи, штетниот говор, говорот на омраза и како да се спротивставиш на штетни медиумски наративи

За време на трите активни денови од тренингот, ќе имаш можност да работиш во група со уште две млади лица на изработка на мултимедијална содржина (текст, видео, подкаст, објава за социјални мрежи и слично). Дополнително, ќе добиеш поддршка од одлични тренери кои ќе ти бидат ментори/ки.

Во Мојковац со нас ќе бидат: креаторката на содржини за социјални мрежи Нина Павиќевиќ (Критички), новинарот од Северна Македонија Огнен Јанески и новинарот на Нова С од Босна и Херцеговина Тахир Жустра.

По завршувањето на тридневниот камп во Мојковац, заедно со менторот/ката и твојата група ќе продолжиш со развој и изработка на мултимедијална содржина, во согласност со договореното на кампот. За финализација на содржината ќе имаш рок од еден месец по тренингот.

Процес на пријавување и селекција

Доколку сакаш да се пријавиш, пополни ја Google формата која се наоѓа овде. Рокот за пријавување е 11 мај до 23:59 часот. Известување за резултатите од селекцијата очекувај до 16 мај 2025 година.

Максималниот број лица по група е три, а вкупниот број на групи ќе биде девет. Почетната идеја на летниот камп е заедно со твоите врсници да поминеш низ процес на учење за медиумска и информациска писменост, интеркултурен дијалог и деконструкција на стереотипи и спротивставување на штетни медиумски наративи. Како резултат на тоа, ќе имаш можност да се пријавиш за вредни награди. Кои?

Создадените трудови на летниот камп во Мојковац ќе можат да влезат во конкуренција за вредни парични национални и регионални награди, за кои повик ќе биде објавен во септември и октомври оваа година.

Доколку те интересира како изгледаше победничкото видео за регионалната награда, кое беше создадено во рамки на интеркултурна размена во живо, можеш да го погледнеш овде.

За сите прашања поврзани со повикот, можеш да пишеш на е-пошта: aleksandar@media-diversity.org.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: