Отворен повик за нови предавачи Учиме право

Доколку сакате да бидете дел од групата обучени предавачи во Учиме право (Street Law), дел од програмата за неформално образование на МОФ, која сеимплементира во многу средни училишта во Скопје, пријавете се за учество на обуката. Сите заинтересирани треба да испратат свое CV и пополнет формулар за пријавување (кој може да го симнете од веб сајтот на МОФ) за да се пријават за учество на обуката за нови предавачи која ќе се оддржи на 11 и 12 декември 2010 година. Пријавувањето е по електронски пат на katerina_todorovska@mof.org.mk, најдоцна до 8 декември 2010.

Повикот е отворен за сите заинтересирани студенти на правни студии, запишани во втора и трета година на студии,како и на мастер студии. Со успешно завршување на оваа обука, станувате дел од телото на предавачи Учиме право во МОФ и имате можност да учествувате во активностите на програмата неформално образование. За повеќе информации за Учиме право прочитајте подолу.

 Што е Учиме право?

Учиме право (Street Law) е проект за граѓанска едукација кој се роди како идеја од страна на студентите на Правниот факултет при универзитетот Georgetown, Вашингтон во 1971 година. Студентите по право во рамките на Учиме право проектот оддржуваа практични правни курсеви во средните училишта во Вашингтон, во поправните установи, како и во седиштата на локалната самоуправа. Во текот на наредните триесет години Учиме право се прошири низ САД, а подоцна и во многу други земји. 

За Учиме право пристапот

Учиме право се базира на принципот дека демократските навики не се наследни туку мораат да бидат внимателно научени и практицирани од страна на секоја генерација со цел на опстојување на граѓанското општество. Затоа, ова е програма која е дизајнирана да научи лаици по право на основните правни принципи. 

Учиме право како дел од МОФ

Во периодот од 1999 до сега Учиме право се спроведе во повеќе од 30 средни училишта низ Македонија, а денес редовни предавања се оддржуваат во повеќе средни училишта во Скопје. Веќе 10 години, Учиме право функционира како програма во рамките на Младински образовен форум, во склоп на која се организираат предавања и работилници поврзани со правото и демократското општество. 

 Формуларот за пријава можете да го превземете тука.

Сподели