Барај
Close this search box.

Онлајн Младинската Академија 2020 е првата онлајн младинска академија на МОФ. Академијата ќе понуди содржини преку кои учесниците ќе може да се запознаат со начините за активно вклучување за социјалните промени преку искористување на виртуелниот простор, но и ќе учествуваат во креирањето на првата национална Младинска декларација – Youth Print – документ кој ќе ја подобри младинската позиција во општеството.

Повикот е отворен за сите млади од 15-18 години кои периодот 17-20 август 2020 година сакаат да го поминат работејќи на своите вештини за критичко размислување и општествена вклученост, преку активности за неформално образование.

Пријавувањето е отворено заклучно со 2-ри август (недела) 2020 година, а сите заинтересирани млади, можат да го прочитаат описот на Траките на Младинската Академија (достапен подолу) за да ја изберат својата трака, па да се пријават со пополнување на следниот прашалник. Доколку имате прашања, можете да пишете на следната мејл адреса: akademija@mof.org.mk.

Секој учесник ќе има прилика да избере една од траките (ПОДКАСТирање 101, Виртуелно аргументирано изразување, Онлајн (не)правда и Академско пишување 101) и да учествува во сите активности планирани и креирани за академијата. Покрај предавањата по траки и Youth Print сесиите, ќе имате можност да изберете помеѓу интересните предавања кои ги подготвивме за вас од областите: ментално здравје, аrtificial intelligence, space law, sustainable living, продукција на музика, претприемништво и театар. Младинската академија претставува збир од активизам, образование, пријателство и создавање на социјална промена, а се организира преку Проектот за младинско изразување. Проектот е финансиран од Европската Унија.

 

ОПИС НА ТРАКИТЕ:

ИАКМОП – Академско пишување 101

Разум губиш со „фусноти“1, а треба да изработиш онлајн презентации? Веќе си добро запознаен со „writer’s block?

Сакаш да научиш како правилно да истражиш, да стигнеш до вистинските факти и да изработиш истражување на која било тема?

На траката Академско пишување 101 ќе имаш можност да се запознаеш со основите на академско пишување и презентирање на факти. Ќе се стекнеш со вештини и трпение за истражување кои понатаму ќе ти послужат за изработка на писмени работи, училишни проекти и проектни задачи без да гуглаш „izrabotka na seminarski eftino“.

Преку Академско пишување 101 ќе вежбаш критички пристап кон информации и презентирани наоди, а ќе се запознаеш со многу нешта кои досега не си имал/а прилика да ги научиш во училиште, а честопати се интегрален дел од сите твои оцени, особено во онлајн наставата.

Посветените ментори со големо истражувачко искуство ќе соработуваат со тебе, насочувајќи те низ алатките и гигабајтските лавиринти од симнати, но непрочитани текстови, па под нивно менторство ќе може да се изработи и кус истражувачки текст кој потоа ќе биде објавен на веб страната на МОФ.

(1) белешка под текстот што објаснува поблизу некои делови од текстот или споменатиот податок, односно термин. Подножната белешка се означува со натпис во облик на горен индекс или со ѕвездичка на горната десна страна од последната буква на зборот во текстот.

 

Учиме право – Онлајн (не)правда

Пионери, пионерки, хакери и сајбер ѕверки?

Те нервира кога ќе видиш злоупотреба на социјалните мрежи, но не знаеш како да го посочиш проблемот, освен спамање на „Фејсбук“ со пријави?

Сакаш да се запознаеш со онлајн бонтонот и ти се зборува за онлајн булинг и слободно изразување на социјалните мрежи?

На траката Онлајн (не)правда ќе ги дознаеш твоите права на онлајн платформите, нивните граници и како да се заштитиш кога се чувствуваш загрозено. Ќе се запознаеш со концептот на авторски права и начинот на преземање и споделување содржини. Дополнително, ќе имаш можност да слушаш предавања на тема сајбер булинг и каде да се обратиш ако онлајн правата ти се прекршени.

Траката за онлајн (не)правда ќе посочи на големата слика и ќе те научи како свесно да објавуваш и споделуваш информации на интернет. Секое снимено видео, секоја испратена слика, статус и твит имаат милиони начини за интерпретација, па некои од нив може да доведат до можно загрозување на угледот и секојдневието на корисниците на виртуелните алатки.

 

Младински активизам – ПОДКАСТирање 101

Имаш многу да кажеш, но те фаќа трема пред камера?

И Спотифај пристигна кај нас, а тебе ниедна содржина таму не ти фаќа 👀
Тогаш креирање сопствен подкаст е решението за тебе!

На првата онлајн Младинска Академија на МОФ, на траката „Подкастирање 101“ ќе имаш можност да се запознаеш со основите на правење подкаст и да ја сефтосаш својата идеја за аудио изразување во тим со други средношколци од целата држава. Искусни аудио новинари од Радио МОФ ќе го пренесат своето знаење, вештини и tips and tricks, ќе ги споделат и тајните на правење подкаст среде пандемија, за кон крајот на Академијата ти да работиш на твојот прв подкаст кој ќе биде објавен на Радио МОФ.

Покрај техничката основа, опфатен ќе биде и креативниот дел од продуцирањето подкаст – бирање теми, гости, презентација во онлајн просторот, однос со публика…

П.С. Радио МОФ е во постојана потрага по млади кои сакаат да го искористат аудио просторот за споделување интересни содржини, па ако ептен се пронајдеш во креирање подкасти можноста за сопствен подкаст кој би одел на Радио МОФ е отворена.

 

Дебата – Виртуелно аргументирано изразување

Те фаќа сафра, лето е и сонце пече, а има пандемија?

Сметаш дека социјалните мрежи не се добра платформа за аргументирана дебата, а ти имаш толку многу да кажеш и споделиш?

Приклучи се на дебатната трака за оваа летна академија! Предавањата на Дебатната програма на МОФ се фокусираат на примена на аргументациските вештини и способности во виртуелниот свет и plot twist 🤯 во онлајн сферата!

Предавањата ќе содржат осврт и објаснување на основните дебатни алатки и критичко размислување, односно аргументот и аргументираното изразување, како и детална анализа на елементите на овие алатки и нивното правилно користење во реалниот, но и во виртуелниот свет.

Траката ќе се осврне кон фактичкото поддржување на ваквите аргументи, односно како да се искористат онлајн алатките и методите кои се нудат денес за да се направи едно правилно истражување и наоѓање на издржани примери и докази.

На самиот крај, на предавањата ќе се посвети време да се објаснат разните вештини за презентирање на целосно аргументираните ставови во поддршка на критичкото размислување, со особен осврт кон методите за јавно изразување, како и сите останати презентациски вештини.

Академијата се спроведува со поддршка од Град Скопје во рамки на проектот за Младинско изразување финансиран од Европската Унија.

 

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: