Отворена дискусија „Како до култура во јавните простори?“

Младинскиот образовен форум и Радио МОФ со задоволство ве покануваат на отворена дискусија на тема „Како до култура во јавните простори? “. Дискусијата е финален настан организиран во рамки на кампањата #УраЗаКултура, која е дел од Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија. Со кампањата #УраЗаКултура Радио МОФ и МОФ ставија фокус на слободата која (не) ја уживаат културните работници како и на окупацијата на јавните простори, новите иницијативи и независните проекти, главно водени од млади луѓе кои се обидуваат да предизвикаат промени во општеството.

На 26-ти септември 2019 година со почеток во 18:00 часот во Зградата на Железничарите, локални уметници, активисти и архитекти ќе ги споделат своите ставови, искуства и предизвици поврзани со развојот на културата на јавните простори.

Говорници на дискусијата ќе бидат:
Марјан Димиќ – Мачка, архитект и графити артист
Ѓорѓе Јовановиќ – уметник и активист
Маја Лозаноска и Сара Симоска – МЕЛЕЕМ Скопје
Дарко Набаков – Македокс

Целта на дискусијата е да се изнајдат начините на кои јавните простори можат и треба да бидат искористени за поттик и развој на културата, како и да се спречи нивно распаѓање и да се користат за настани и проекти кои би биле пристапни за сите, наместо да пропаѓаат.

Јавните простори се важни бидејќи преку нив се изградува колективен идентитет на граѓаните, кои на тие простори комуницираат. Овие простори нудат уметничка и културна автономија преку организирање на различни активности, како на пример уметнички перформанси, концерти, алтернативни кино проекции, самоорганизирани библиотеки и дебати. Но, изминативе години се соочуваме со комерцијализација на заедничките простори во градот, односно тие што останаа.

Проектот е финансиран од Европската Унија.

Сподели