Отворено предавање: 1 или 6 изборни единици – Каков изборен систем ни треба?

Младински образовен форум (МОФ) во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD), ве поканува на предавањето „1 или 6 изборни единици, отворени или затворени листи – Каков изборен систем ни треба?“. Предавањето ќе се одржи во старата сала на научно-наставниот совет (ННС) на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје со почеток од 16:15 часот и ќе биде отворено за сите студенти и заинтересирани млади.

Предавачи на ова предавање ќе бидат доц. Д-р Марко Кртолица и Теодора Столевска.

Марко Кртолица е доцент на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје. Работи на Катедрата за уставно право и политички систем и ги предава следниве предмети: Политички систем, Политички партии и интересовни групи, Современи политички системи и Локална самоуправа. Во поглед на неговото формално образование може да се истакне дека дипломирал на политичките студии на Правниот факултет ,,Јустинијан Први”, а понатаму своите магистерски студии ги завршил на Универзитетот во Грац (Австрија) и Автономниот универзитет на Барселона (Шпанија). Во текот на 2019 година, на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје ја одбранил својата докторска дисертација на тема: ,,Транзиционата правда и нејзината примена во соочувањето со комунистичкото минато во Европа”. Исто така, Марко Кртолица е автор на научни трудови од областа на политичкиот систем и бил говорник на меѓународни и домашни научни конференции.

Теодора Столевска е програмски координатор на Дебатната програма во Младински образовен форум. Таа има дипломирано на Правниот факултет „Јустинијан Први“ а моментално е на магистерски студии на истиот факултет на смерот „Меѓународно право и меѓународни односи и право на ЕУ“. Теодора е долгогодишна дебатерка со големо искуство, а нејзин најзначаен успех е пласирање во финалето на Светското дебатно првенство 2016 во Солун.

На предавањето ќе бидат опфатени теми од областа на демократијата, изборните модели и механизми за избор на народните претставници. Во првиот дел ќе се говори општо за изборниот систем во Северна Македонија и општо изборните системи во светот, а во вториот дел ќе се говори подетално за изборниот систем во државата, односно за неговите позитивни и негативни аспекти, како и потенцијални алтернативи на моменталниот систем (различен број на изборни единици, различни видови на листи).

Студентското предавање е организирано во рамки на проектот „Зајакнување на демократските компетенции и учество на младите луѓе“, имплементиран од страна на Младински образовен форум, а во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер. Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје е партнер во реализацијата на овој проект.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: