На 26 декември 2013, во Велес се одржа панел дискусија на тема: „Младински активизам и слобода на изразување“, иницирана од средношколците – членови на Медиа – Арт клубот на МОФ во Велес. Целта на настанот беше да се развие дебата за слободата на изразување и креативните форми на младинскиот активизам. Панел говорници кои се обратија на трибината беа Ана Јовковска, активистка и авторка на телевизискиот проект „Пулс“ и Димитар Апасиев, активист на здружението за социјална правда „Ленка“.
Според Димитар Апасиев, од здружението „Ленка“ , проблемот на активизмот во земјава е поврзан со транзицијата и зголемените класни разлики. „Вие градите активизам во средина, помеѓу луѓе кои постојано се богатат и оние кои осиромашуваат, кога луѓето немаат пари да дојдат од Велес во Скопје на пример за да учествуваат на протест. Од друга страна системот ви го наметнува комплексот на вина. Тоа што си сиромашен ти си крив, не си учел на времето. Значи ви наметнува зад наводната уставна еднаквост или фасада да ѕирка потчинетост“, истакна Апасиев на дискусијата.
Јовковска смета дека активизмот е форма на отпор, но отпор кој пред се треба да е наменет кон моќните, да го застапува гласот кој е маргинализиран и кој треба да им даде глас на послабите во општеството.
„Така ја гледаме и улогата на интелектуалецот. Таа е одговорност што треба да ја понесат јавните личности, да бидат одговорни и да зборуваат во името на оние кои тешко можат да го артикулираат сопствениот глас во општеството. Јас интелектуалците ги делам на органски и салонски. Првите постојано имаат потреба да се сомневаат во работите поради прогрес, слободарски идеи и имаат потреба постојано да го грицкаат општеството и да подриваат одвнатре“, додаде Јовковска.
Присутните пројавија интерес на темата, зборуваа и ги изнесоа своите ставови поврзани со темата, развија дискусија, а дел од нив побараа и совети од говорниците, како тие би пристапиле кон решавање на одредени проблеми.