Младински образовен форум [МОФ] алармира за недостатокот од дебата за решавање на наталожените проблеми во високото образование, партиските влијанија врз високообразовните институции и полтронскиот однос на Студентскиот сојуз.
За жал, Дваесетгодишната криза во демократијата во високото образование продолжува, а за тоа ни сведочат последните случувања со тајно подготвуваните предлог-измени на Законот за високо образование, недемократските иницијативи за етничко изјаснување на професорите, избрзаните заклучоци за поделбата на УКИМ базирани на анкета со нејасна методологија, како и најновиот гаф на Сојузот на студенти (т.н. Студентски парламент), познат како Сојуз кој протестира единствено во одбрана на Министерот за образование, но и против европските институции во Република Македонија.
Во овој контест, МОФ стои позади секоја добронамерна иницијатива за реформи на образованието, но не смее да се дозволи реформите да се носат стихијно и ad hoc. Тие бараат долгорочни, стратешки решенија и вклученост на студентите во одлучувањето. Ваквите реформи во ниту еден случај не смее да навлегуваат во слободата на дејстувување и автономното носење одлуки. Затоа, Апелираме за итна мобилизација на академската и студентската јавност и нивно вклучување во организација на јавни дебати кои ќе ги отворат за дискусија сите наталожени проблеми во високото образование, почнувајќи од коруптивните дејствија на факултетите и во студентските домови, недостатокот од мобилност на студентите и професорите, нискиот степен на имплементација на ЕКТС, како и монополистичкиот систем на студентско организирање, претставен од Сојузот на студенти.
Потенцираме дека во важните образовни процеси не се вклучени повеќе од 30 студентски и младински организации кои активно работат во корист на студентите.
Тргнувајќи од нашата борба за транспарентно образование, во овој хаос од медиумски и партиски препукувања успеавме да лоцираме и позитивни предлози за измени на Законот, а тоа се оние кои се однесуваат на зголемување на отчетноста, транспаретноста и јавноста на финансиите на високо образовните институции. Повеќе од недемократска е досегашната пракса студентите да не добиваат извештај за трошењето на нивните пари.
Сепак, реформите во високото образование не зависат само од професорите и факултетите, туку бараат одговорност и од државата. Конкретно, квалитетот и квантитетот на научно истражувачката дејност може да порасне единствено со зголемување на фондовите за оваа област, а со сегашните 0,18% од Буџетот на РМ наменети за наука, не може да се очекуваат вакви импликации.
Дел од предлог-измените се несоодветни и драстични, па така во однос на измената за покачување на глобите за професорите сметаме дека тие како средство не треба да бидат примарно решение за проблемите во наставата, туку една од крајните мерки кои ќе се превземат во оваа насока.
Конечно, МОФ им забележува на универзитетските професори, кои ретко застануваат на страната на студентските иницијативи поврзани со демократизација на студентското организирање, антикорупцијата и подоборување на квалитетот на наставата. Затоа, денес како бумеранг им се враќа нивниот молк за партизираниот Сојуз на студенти, кој повторно застанува во слепа одбрана на Министерот и уште повеќе ги поларизира односите помеѓу нив.
Доказ за полтронскиот однос на Сојузот на студенти е денешната изјава на Проф. Др. Борче Давитковски, декан на Правен факултет, дадена на трибината за студентска и академска мобилност.
Со почит,
Младински образовен форум