Младински образовен форум (МОФ) денеска, 3ти јули 2013 година, започнува да спроведува петиција за екстерното оценување оваа година да се прогласи за пилот. Петицијата е логичен чекор на реакција после сериозните пропусти во начинот на спроведување на екстерното тестирање, законските прекршувања и недоследности и нејасните цели на овој процес, од една страна, и игнорирањето на проблемот од институциите, од друга страна.
МОФ ги повикува сите ученици, наставници, професори, родители и загрижени граѓани да се потпишат на петицијата и со тоа да упатат глас до Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар да го прогласат екстерното тестирање оваа учебна година за пилот, да направат сериозна анализа на пропустите и ефектите, да отворат јавна дебата со засегнатите стран и да работат на негово подобрување со единствена цел – подобрување на образовниот процес и унапредување на перформансот и знаењето кај учениците и професорите, а не предизвикување страв.
Петицијата ќе се спроведува во тек на 10 последователни денови, на фреквентни локации на отворен простор во 16 градови во Македонија: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Битола, Велес, Куманово, Кратово, Делчево, Гевгелија, Неготино и Штип.
Сите информации поврзани со локациите, термините и аргументацијата за петицијата се достапни на www.mof.mk/eksterno.
МОФ најавува и претставки по однос на законските прекршувања при имплементацијата на екстерното тестирање. Претставките ќе бидат доставени до Државниот управен инспекторат и Државниот просветен инспекторат, заради непочитување на законски предвидениот рок од 7 дена за објавување на листите со предмети за полагање и неговото скратување на 4 дена. Дополнтелна претставка ќе биде поднесена заради непочитување на предвидениот рок за поднесување приговори по однос на објавените резултати во износ од 3 дена и негово кратење на 2 дена. Со ваквите скратени рокови директно е предизвикана штета врз учениците, а прекршени се член 45-в од Законот за средно образование, член 72-а од Законот за основно образование и член 9 од Правилникот за спроведување на екстерното оценување. Очекуваме постапка од страна на надлежните инспекторати и поништување на тестирањата во сите училишта каде е прекршен законот.
Меѓу најсериозните пропусти и неуспеси на екстерното оцеување се вбројуваат и паѓањата на компутерскиот систем, пробиените тестови кои се ширеа преку социјалните медиуми, тестовите кои содржеа прашања од материјал кој не е предаден, прашањата кои не содржеа ни еден точен одговор, масовната појава на слаби оценки кај цели генерации по одредени предмети. Дополнително, институциите и предвидените процедури сеуште не даваат одговор за постапката во случај на негативна оценка (незадоволителен – 1), имајќи во предвид дека македонскиот образовен систем не дозволува впишување на ваква оценка во свидетелство.
МОФ ги повикува сите оштетени и загрижени ученици и граѓани да достават претставки и до Народниот правобранител на Република Македонија, за што ја нудиме нашата помош и упатување при подготовката на потребната аргументација и документација, а ќе ги разгледаме и можностите за предизвикување на законските уредувања на екстерното оценување пред Уставниот суд на Република Македонија.