Барај
Close this search box.

Петицијата за екстерното продолжува, 17.000 граѓани бараа да се прогласи за пробно

17.853 граѓани до денес се потпишаа на петицијата со која МОФ бара од Министерството за образование и наука да го прогласи за пробно екстерното оценување оваа година. Ваквите барања се темелат на огромниот број технички пропусти при тестирањето кои оштетија голем број ученици, прекршувањата на законските рокови за објавување на листите со предмети за полагање и за доставување приговори по однос на резултатите, како и поставените цели на екстерното.

Додека во другите држави екстерните оценувања служат за подобрување на образовниот процес, подобар перформанс кај учениците и наставниците, унапредување на наставните програми и планови и развој на системот на оценување, кај нас екстерното е сведено на креирање атмосфера на контрола и страв меѓу наставниците и професорите. Дополнително, илјадници ученици со декрет беа подложени на тестирање кое надлежните избрзано сакаат да го третираат за официјално, иако потфрли на сите технички и стратешки нивоа.

Меѓу градовите со најголем број собрани потписи за екстерното да се прогласи за пробно оваа година се Скопје со над 3500 потписи, Велес со над 2500 потписи, Битола и Тетово со по над 1500 потписи, Штип и Кичево со по над 1000 потписи. Граѓаните даваат масовна поддршка за спас на екстерното оваа година и во Гевгелија, Делчево, Куманово, Дебар, Неготино, Ресен, Струга, Охрид, Гостивар, Кратово и Струмица.

По однос на прекршувања на законските рокови за реализација на екстерното оценување, МОФ поднесе претставки до Државниот управен инспекторат и Државниот просветен инспекторат, со кои од овие институции бара реакција за кратењето на рокот за објавување на листите на предмети од 7 на 4 дена, како и кратењето на рокот за поднесување приговори на објавените оценки, од 3 на 2 дена.

Петицијата трае до крајот на оваа недела, по што МОФ ќе пристапи кон интензивна комуникација со одговорните институции, за што се надева и на директни средби со надлежните.

МОФ уште еднаш потенцира дека го поддржува екстерното оценување како алатка за унапредување на образованието, но за тоа биде официјално, мора да се отстранат сите пропусти, да се гарантира почитување на законите и да не се дозволи ни еден ученик да биде оштетен.

Апелираме до институциите и надлежните да размислат, да се одважат и да се откажат од своите планови за официјализирање на ваквото екстерно по секоја  цена. Следната година заедно да создадеме систем кој ќе функционира и кој нема да штети на иднината на младите.

Сите информации поврзани со распоредот на пунктови за потпишување се достапни на www.mof.mk/eksterno.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: