„Популаризирање на руралноста – Потенцијалите на руралното коработење и ефектот врз миграциските трендови на младите во РСМ“

„Популаризирање на руралноста – Потенцијалите на руралното коработење и ефектот врз миграциските трендови на младите во Република Северна Македонија“

Истражувачи: Елена Андонова и Ѓорѓи Димески

Ментор: Марјан Петрески

Во рамките на внатрешните миграции, долгогодишната политика на моноцентричен развој во Република Северна Македонија резултираше во концентрација на 25% од населението во Скопскиот плански регион, посебно во градот Скопје, заедно со алоцирање на најголем дел од вкупните инвестиции во овој регион. Овие миграциски движења во комбинација со емиграцијата во странство доведоа до депопулација и намалување на економскиот и културниот потенцијал во руралните подрачја. Во исто време, глобалните економски трендови се оттргнуваат од традиционалните сектори (производство, земјоделство и сл.) кон она што стана познато како „економија на знаење“, т. е. економски сектори карактеризирани со висококвалификувани работници, мала потреба од алати за работа и висока мобилност на трудот. Ваквата мобилност донесе нови потенцијали за миграција на одреден вид работници (таканаречени фриленсери) вклучени во економијата на знаење.

Еден од главните начини, кои оваа студија ги анализира, е потенцијалот на местата за коработење т. е. заедничките простори во кои фриленсерите би можеле да работат и да живеат. Иако студијата заклучува дека потенцијалот за трајна миграција е минимален кај помладата популација, авторите заклучуваат дека и краткорочното работење во руралните средини би имало некакви придобивки, како кон фриленсерите, така и кон руралната средина. Краткорочните миграции, сепак, би понудиле некаква шанса за вклучување на локалното население, барем преку зголемената побарувачка на добра и услуги која напливот на мигранти (трајни или краткорочни) ќе ја предизвика во руралните средини.

Главните наоди добиени од истражувањето, како и заклучоците од истото се:

* 25% од вкупното население живее во Скопскиот плански регион, со акцент на градот Скопје, иако по површина овој регион е најмал од 8-те плански региони.
* Р. Северна Македонија е трета држава во светот по бројот на фриленсери.
* Најголемата категорија на иселеници од руралните средини е младо работоспособно население кое ја напушта руралната средина заради ниски образовни и кариерни можности.
* Работниците од креативната класа имаат минимално влијание врз стапката на вработеност на локалното население во руралната средина, но големо влијание врз социоекономскиот раст (диверзитет на бизнис средина, иновативност, внесување дигитални технологии итн).
* Се појавува и тренд на контраурбанизација во кој млади професионалци се преселуваат во руралните средини.

Истражувачкиод труд може да се најде во електронкса форма на Issuu профилот на Младински образовен форум – https://issuu.com/youtheducationalforum/docs/popuraliziranje_na_ruralnosta 

Ова истражување беше изработено во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено oпштество. Проектот имаше за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на Младински образовен форум со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи, студенти и пошироката јавност во Северна Македонија. Со овој проект беа искористени капацитетите на алумни стипендистите, со цел да ги споделат своите знаења со младите кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања и заедно да придонесат во креирање на квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Северна Македонија.

 

 

 

Сподели