Посета на комисија за заштита од дискриминација

На ден 30.04.2015 година (четврток) десетина средношколци од повеќе средни училишта во Скопје ја посетија комисијата за заштита од дискриминација. Тие беа лично примени од г-дин Душко Миноски, претседател на комисијата за заштита од дискриминација.

На посетата која траеше час и половина средношколците се запознаа со работата на комисијата, нејзините надлежности, нејзината структура и состав, како и со поединечни членови од законот за заштита од дискриминација. Претседателот се потруди на еден интересен и неформален начин да им објасни на средношколците дека дискриминацијата потекнува од стереотипите и предрасудите на кои сме подложни сите и дека токму тие предизвикуваат дискриминаторски поведенија во различни области. Средношколците имаа можност да научат повеќе за самата комисија која е самостоен и независен орган кој работи во согласност со надлежностите утврдени со законот за заштита од дискриминација. Тие се запознаа и со составот на комисијата кој брои седум членови кои ги именува Собранието на Република Македонија со мандат од пет години и право на еден повторен реизбор. Претседателот зборуваше и за улогата на државата и тоа што треба да се преземе за да се намали дискриминацијата и да се надминат разликите. Тој напомена дека интенцијата на секоја држава треба да биде креирање на еднакви можности за секој човек без оглед на полот, бојата на кожа, етничката припадност и слично.

На самата посета свое обраќање имаше и претставник од стручната служба на комисијата кој зборуваше за начинот на поднесување на претставки до комисијата, начинот на постапување понатаму, утврдувањето на основот на дискриминација и воопшто текот на самата постапка. Средношколците имаа прашања околу начинот на утврдување на дискриминација, односно што сѐ треба да постои, за да биде утврдена дискриминација. Одговорот беше дека мора да постои основ, нееднаков третман како и споредлива ситуација. На самиот крај средношколците имаа можност да се запознаат со вистински случаи од секојдневието на комисијата и преку нив да научат за директна и индиректна дискриминација, за вознемирувачко и понижувачко поведение како и за основите и областите во кои најчесто се јавува дискриминацијата.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: