Младински образовен форум во периодот од февруари – јуни 2020 година спроведува истражување за студентскиот стандард на станарите во студентските домови.
За потребите на истражувањето, отвораме повик за 8 (осум) анкетари кои ќе бидат директно вклучени во теренското спроведување на истражувањето и внес на податоците. Теренското истражување предвидува спроведување на прашалници во студентските домови: „Браќа Миладиновци“ – Штип, „Кочо Рацин“ – Битола и „Пелагонија“ – Скопје, во периодот од 23-ти февруари до 23-ти март, 2020 година.
За подготовка на избраните анкетари ќе биде организиран еднодневен тренинг на 20- ти февруари на кој е задолжително да присуствуваат избраните анкетари. За прибирање и внесување на податоците, анкетарите ќе бидат ангажирани во месеците февруари и март 2020 година.
Сите заинтересирани за овој повик потребно е:
- Да се полнолетни;
- Да имаат мотивација да бидат вклучени во теренско спроведување на истражување;
- Да се во можност да го спроведуваат истражувањето во текот на работно време во работните денови;
- Во периодот од од 23-ти февруари до 23-ти март да бидат во државата и во можност да го извршат анкетирањето во горенаведените студентски домови;
- Претходно искуство во анкетирање ќе се смета за предност;
- Да присуствуваат на еднодневен тренинг на 20-ти февруари во Скопје;
- Да поседуваат добри комуникациски вештини.
Заинтересираните кандидати потребно е да достават своја биографија (CV), најдоцна до 16-ти февруари 2020 година до 23:59 часот на policy@mof.org.mk со назнака „Пријава за анкетар“. Сите прашања за повикот може да ги упатите на истата мејл-адреса. Избраните анкетари ќе бидат известени на 17-ти февруари 2020 година за времето и локацијата на еднодневниот тренинг, а за ангажманот е предвиден финансиски надомест.
Ова истражување има за цел да открие повеќе сегменти од студентскиот живот на студентите во домовите. Преку спроведување на истражувањето, ќе се добие претстава за моменталната состојба на вклучување на станарите во носењето на одлуки, условите за живот, задоволување на културните, информативните, спортско-рекреативните и други заеднички потреби на студентите.
Проектот Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија е имплементиран од страна на Младински образовен форум (МОФ) и ќе се спроведува во периодот од ноември 2019 до октомври 2020. Целта на проектот е да придонесе за зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и за подобрување на квалитетот на сервисите што ги добиваат студентите во студентските домови преку нивна поголема вклученост и преку локални студентски организации за подобрување на условите во домовите и на студентскиот стандард воопшто.
Проектот е финансиран од Програмата за високо образование на Фондациите отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество – Македонија.