Повик за достава на понуда за креирање и спроведување на кампања

Младински образовен форум објавува Повик за достава на понуда за креирање и спроведување кампања во рамки на проектот „Младинска ангажираност и едукација за подобрување на наративот во врска со бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство“.

Од бегалската криза во 2015 и 2016 наваму, Северна Македонија се соочува со испади на ксенофобија, расизам и омраза кон бегалците и мигрантите. Соочена со новите кризи во Авганистан, државата ги смести авганистанските бегалци, што поттикна – повторно – нов бран ксенофобични и расистички коментари на социјалните мрежи и во јавниот дискурс кон овие категории луѓе. За жал, и младите се погодени од овој наратив, односно и кај нив се појавуваат овие негативни чувства кон бегалците, барателите на азил, мигрантите, како и сите луѓе кои се по некоја основа различни од нив. Внатре во државата сè уште постојат етнички поделби и недостаток на кохезија. Лицата без државјанство, од кои поголемиот дел се Роми, но помеѓу нив има претставници од разни етникуми, не се добро интегрирани во општеството. Поединците чие раѓање не било заведено во матичната книга или кои немаат државјанство немаат пристап до основните права, како здравствена грижа, пристап до образование, социјална заштита, право на сопственост, пристап до вработување итн. И покрај тоа што политичките лидери покажаа подготвеност за решавање на ова прашање, бездржавјанството е сè уште присутно во земјата, а застапувањето е неопходно како и притисокот на јавноста за да се реши ова прашање еднаш засекогаш.

За жал, формалното образование недоволно ги едуцира младите за да развијат солидарност со бегалците и лицата без државјанство, како и за важноста од почитување на конвенциите и другите правни инструменти кои државата е законски обврзана да ги почитува. Дополнително, граѓанските организации, особено оние кои работат со млади, не обезбедуваат доволно време и активности во рамките на нивните неформални образовни програми кои се однесуваат на ксенофобијата, расизмот и омразата кон овие групи на луѓе што резултира со уште поголем јаз во знаењето кај младите луѓе. Згора на тоа, медиумите, јавните личности и луѓето кои влијаат на наративот на темава не секогаш даваат точни и проверени информации за овие групи и понекогаш свесно или несвесно поттикнуваат негативни чувства или страв кај локалното население кон нив.

За проектот:

Проектот „Младинска ангажираност и едукација за подобрување на наративот во врска со бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство“ е поддржан од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР) во Северна Македонија, со финансии од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, а е имплементиран од страна на Младински образовен форум (МОФ). Главната цел на проектот е подобрување на наративот помеѓу младите и развивање општа солидарност со употреба на точни податоци и информации, а во врска со нивната перцепција за бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство.

За понудата:

Понудувачот треба да креира и спроведе јавна кампања, наменета за млади лица (од 15 до 29 години) која ќе има за цел да ги информира, едуцира и да го подобри наративот помеѓу младите луѓе во врска со бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство.

Младински образовен форум (МОФ) во текот на ноември 2021 година ќе спроведе истражување за перцепцијата на младите во врска со бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство. На понудувачот кој ќе ја креира кампањата на располагање ќе му бидат и податоци од истражувањето со цел поефективно спроведување на целите на кампањата.

Цели на кампањата:

  • Подобрување на наративот околу бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство кај младите луѓе, односно подобрување на знаењето и чувствата кај младите во врска со овие категории на луѓе.
  • Едукација и поголема информираност на генералната популација, особено младите луѓе во врска со правата на овие категории на луѓе како и обврските на државите.
  • Создавање општа солидарност со лица припадници на други култури и етнички заедници и вреднување на различностите и придонесот на сите луѓе во општеството.

Специфични барања:

  • Кампањата треба да опфати минимум 60.000 млади луѓе, примарно преку социјалните мрежи и останати медиуми/канали за информирање на младите кои понудувачот смета дека се најсоодветни. Каналите на Младински образовен форум (МОФ) и Радио МОФ ќе бидат ставени во функција на кампањата.
  • Кампањата на социјалните мрежи треба да содржи 10 слики, 3 видеа, 5 инфографици и 10 дополнителни објави (визуелизиран текст) кои ќе можат да црпат информации од истражувањето, што значи вкупно 28 продукти споделени на социјалните мрежи;
  • Кампањата треба да се спроведува во ноември и декември 2021 година и да заврши најдоцна до крајот на годината.

Понудата треба задолжително да содржи:

  1. Предлог-концепт за кампањата

Во овој дел понудувачот треба да објасни како ќе ја спроведе кампањата, какви информации и содржини би содржела, кои ќе бидат главните пораки кои ќе се пренесат, од каде (освен од истражувањето) ќе се црпат информациите, на кои канали / социјални мрежи / јавен и медиумски простор / дигитални медиуми / иновативни алатки за маркетинг соодветни за целната група, итн. ќе се спроведе и сл. Накратко, потребно е понудувачот да го опише пристапот кој ќе го има при креирање и спроведување на кампањата.

2. Временска рамка

Во овој дел понудувачот треба да детално да ја објасни детално временската рамка во смисла на тоа каде и во кој временски период ќе се објавуваат креираните содржини како и потребното време за креирање на истите.

3.Финансиска понуда

Во овој дел понудувачот треба да испрати и финансиска понуда за јавната кампања, износ кој не треба да надминува 885.000 мкд со вклучен ДДВ.

Избор на понудата:

Изборот на најсоодветната понуда ќе се врши врз основа на оценување. Оценувањето на понудите ќе се врши од страна на комисија креирана од Младински образовен форум која ќе ги оценува сите три аспекти од понудата (предлог-концепт, временска рамка и финансиска понуда) со поени од 1 до 5. Понудата која ќе освои најголем број на поени ќе биде таа што ќе биде прифатена.

Инструкции за достава на понудата:

Понудата треба да се достави во соодветна форма т.е. на меморандум од компанијата – понудувач, изработена на македонски јазик во 3 (три) примерока. Цените на услугите треба да бидат наведени во македонски денари со вклучен ДДВ.

Понудата треба да содржи печат и потпис од одговорно лице и да биде доставена во затворен плик, адресиран согласно подолу наведеното:

Назив: За кампања МОФ

Младински образовен форум (МОФ)
Ул. Дренак 34/а
1000 Скопје
Р. Северна Македонија

НЕ ОТВОРАЈ

Рок за достава на понудите: до 10.11.2021 (среда) до 17:00 часот.

Отворањето на понудите ќе се врши на 11.11.2021 година, во 15:00, во просториите на Младински образовен форум без присуство на претставници од понудувачи заради примена на протоколи и мерки за заштита од КОВИД-19.

На понудувачите не им следат надомести за трошоци или компензација за трошоци кои настанале за време на изработката и доставата на понудата.

Понудувачите можат да испраќаат прашања поврзани со барањето за достава на понуди и спецификацијата на услуги на следната адреса: info@mof.org.mk, или на телефонскиот број 02/3139692 најдоцна до 08.11.2021 до 15:00 часот.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: