Младински образовен форум во партнерство со Младинската програма на белградскиот центар за човекови права објавува повик за млади за учество на работилница на тема „На иста фреквенција“ која се организира во рамки на проектот “Youth Rights Talks“.
Повикот е отворен за 20 млади луѓе на возраст од 15 до 30 години од целата држава.
За време на работилницата, учесниците ќе имаат можност да се вклучат во интерактивни сесии на теми како идентитет, градење мир и разрешување на конфликти. Учесниците на работилницата ќе имаат прилика да остварат контакти со други млади од целата држава и да научат повеќе за концептот на интеркултурен дијалог и неговата улога во креирањето на подобро општество. Целта на работилницата е да ги сензибилизира младите преку обезбедување простор за лична рефлексија.
Работилницата ќе се одржи во среда, 17 јули 2024 година во Скопје. Патните трошоци ќе бидат покриени од страна на организаторот во висина на повратен автобуски билет.
Учесниците на работилницата ќе имаат можност и директно да се вклучат во регионалниот настан Youth Rights Talks заедно со млади од регионот кој ќе се одржи во Белград во месец октомври 2024 и на кој ќе имаат можност да ги продлабочат своите знаења за темите од работилницата, но и да се вмрежат и да работат со млади од регионот.
Youth Rights Talks е настан кој веќе седум години по ред им дава простор на младите слободно да ги искажат своите мислења за актуелните општествени прашања, да ја видат и слушнат перспективата на нивните врсници и да споделат свои ставови и лични приказни. Покрај младите, на овој настан учествуваат и претставници на меѓународни организации, младински работници, претставници од институции кои се занимаваат со прашања кои ги тангираат младите и медиуми.
Начин на пријавување:
Заинтересираните можат да го искажат својот интерес за учество со пополнување на онлајн формуларот за апликација на следниот линк, најдоцна до недела, 14 јули 2024 година, 23:59 часот. Доколку имате прашања или имате потреба од дополнителни информации, обратете се на: matea_nestorova@mof.org.mk.
Работилницата е дел од регионалниот проект „Поддршка на ЕУ за градење доверба во Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации.