Младински образовен форум отвора Повик за тренери во младинските клубови за Дебата, Учиме право, Активизам и Новинарство!
Ако си млад/а ентузијаст/ка на возраст од 15 до 29 години, кој/а сака да работи и едуцира млади луѓе, ова е одлична можност за тебе!
Нашата цел е да ги поттикнеме и охрабриме младите да се активираат во нивните заедници, преку развивање на нивните вештини за критичко размислување, аргументирано и креативно изразување, правна едукација и новинарство.
За младинските клубови на МОФ:
Начинот на работа во рамки на младинските клубови е изграден врз принципот на активна вклученост на средношколците и на студентите во процесот на учење. Содржината на програмите им овозможува на учесниците практично да ги применуваат и да ги надополнуваат знаењата стекнати во формалниот образовен процес и да ги збогатуваат своите вештини. Предавањата во клубовите се одржуваат еднаш неделно по претходно утврден курикулум, кој е периодично ревидиран во согласност со потребите на учесниците.
ДЕБАТА
Дебатните клубови имаат за цел да развијат способности за критичко размислување, аргументирано говорење и ефективна комуникација кај средношколците. Преку дебатните клубови, младите го зголемуваат своето учество во општествените случувања и придонесуваат кон создавање отворено општество засновано на демократски вредности и толеранција, каде се промовираат и практикуваат критичката мисла и слободното аргументирано изразување. Дебатните клубови се фокусирани на изучување на компетитивна дебата, јавно говорење и медиумска писменост.
Потенцијалните кандидати за тренери во дебатните клубови треба да ги исполнуваат следните услови:
- Претходно искуство од минимум 1 (една) година со средношколска и/или студентска дебата;
- Да поседуваат одлични комуникациски вештини, со познавање на говорен и пишан македонски и англиски јазик;
- Способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини;
- Искуство во работа со млади;
- Можност за работа за време на викенди.
Дебатните клубови за учебната 2024/2025 година, ќе бидат отворени во следните општини: Кисела Вода, Теарце, Тетово, Велес, Делчево, Струмица, Штип, Гевгелија, Струга, Битола, Кратово, Дебар, Прилеп, Гостивар, Кавадарци, Македонска Каменица, Пробиштип, Свети Николе, Неготино, Кочани и Пехчево.
Клубовите за дебата и медиумска писменост се поддржани од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
АКТИВИЗАМ
Артивистичките клубови работат на оспособување на младите слободно и креативно да се изразуваат, охрабрувајќи ги самите да преземаат и предводат активности кои ќе ја подобрат моменталната состојба во нивните локални заедници. Членовите на клубовите посетуваат предавања и работилници за различните форми на активизмот, креативни активистички алатки, младинско организирање и ангажирање на заедницата за решавање на предизвици. Иницијативите кои младите членови ги создаваат имаат за цел да поттикнат размислување и дејствување на конкретни општествени теми од нивен интерес, придонесувајќи за помагање на локалната заедница преку младински активизам.
Потенцијалните кандидати за тренери во клубовите активизам треба да ги исполнуваат следните услови:
- Да имаат основни познавања во следните области: активизам, дигитални алатки и нови медиуми, култура и уметност;
- Да поседуваат одлични комуникациски вештини, со познавање на говорен и пишан македонски и англиски јазик;
- Способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини;
- Искуство во работа со млади;
- Можност за работа за време на викенди.
Клубовите Активизам за учебната 24/25 година, ќе бидат отворени во следните општини: Кисела Вода, Гази Баба, Делчево, Гевгелија, Струга, Дебар, Гостивар, Македонска Каменица, Неготино и Кочани.
Клубовите за Активизам се поддржани од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.
НОВИНАРСТВО
Новинарските клубови на МОФ се фокусирани на развивање на вештините за новинарство и медиумска писменост кај младите. Членовите на новинарските клубови учат како да спроведуваат истражувања, да креираат новинарски содржини и да ги разбираат и анализираат медиумските пораки. Овие клубови ги подготвуваат младите за одговорно и критичко консумирање и создавање на медиумски содржини, кои имаат цел да ја информираат јавноста.
Потенцијалните кандидати за тренери во новинарските клубови треба да ги исполнуваат следните услови:
- Способност за креирање и уредување новинарски содржини;
- Да поседуваат одлични комуникациски вештини, со познавање на говорен и пишан македонски и англиски јазик;
- Способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини;
- Да се студенти по новинарство на додипломски/ магистерски студии или млади новинари вработени/ангажирани во медиум;
- Искуство во работа со млади;
- Можност за работа за време на викенди.
Новинарските клубови за учебната 24/25 година, ќе бидат отворени во следните општини: Скопје, Гевгелија, Струга, Гостивар, Битола и Кавадарци.
Новинарските клубови се поддржани од Националната фондација за демократија (НЕД).
УЧИМЕ ПРАВО
Учиме право клубовите се насочени кон правна едукација и запознавање на младите со основите на демократијата и правниот систем, владеење на правото и остварување и заштита на човековите, граѓанските и политичките права и слободи. Содржината на клубовите е поделена на четири дела: надлежностите на државните институции, човековите слободи и права, граѓанско право и кривично право. Дополнително, програмата на своите членови им нуди можност преку различни организирани активности да посетат различни држaвни институции и тела или да бидат дел од симулации кои го претставуваат нивното работење. На овој уникатен начин програмата цели да создаде врска помеѓу концептот на демократијата, човековите права и правниот систем и нивното влијание во секојдневниот живот.
Потенцијалните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:
- Да поседуваат одлични комуникациски вештини, со познавање на говорен и пишан македонски и англиски јазик;
- Способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини;
- Искуство во работа со млади;
- Можност за работа за време на викенди;
- Како предност ќе се смета доколку апликантите се запишани на Правен факултет, дипломирани правници или студенти на мастер студии по право.
Клубовите Учиме право за учебната 24/25 година, ќе бидат отворени во следните општини: Кисела Вода, Шуто Оризари, Тетово, Струга и Прилеп.
Обврските на тренерите во младинските клубови се:
- Вклучување во процесот на промоција на клубовите во средните училишта во локалната заедница;
- Одржување редовни неделни предавања во младинските клубови во периодот октомври – декември 2024 година и февруари – мај 2025 година;
- Редовна комуникација со ко-предавачот на клубот и програмскиот координатор;
- Успешно и навремено планирање, спроведување и координирање на активностите на клубовите и вклучување во активностите на програмата во која спаѓаат младинските клубови;
- Чување на уредна архива на фотографии и списоци за присуство од средбите на клубот;
- Изработка на месечен извештај за средбите на клубот;
- Задолжително присуство на координативни состаноци со програмскиот координатор, телото на тренери и Претседателот на МОФ;
- Задолжително присуство на Тренинг за тренери кој ќе се одржи од 27 до 29 септември 2024 година. Тренингот ќе им помогне на пријавените тренери да добијат генерална претстава за ангажманот, обврските, методологијата и начинот на реализирање на предавањата во рамки на младинските клубовите.
Начин на пријавување:
Заинтересираните кандидати можат да се пријават со пополнување на Апликацијата за предавач достапна на следниот линк, најдоцна до вторник, 10–ти септември 2024 година, (23:59).
За сите дополнителни прашања поврзани со повикот, обратете се на следните мејл адреси: ivona_kuzmanovska@mof.org.mk и risto_saveski@mof.org.mk.