Иницијативниот одбор од Неготино распишува повик за членство на Локалниот младински совет Неготино. Сите заинтересирани организации кои ги исполнуваат критериумите за членство треба да достават портфолио за работа, официјално писмо за номинација на член од организацијата, како и CV со мотивациско писмо за учество од претставникот кој сака да се вклучи во Младинскиот совет на е-поштата: mladinskisovetng@gmail.com
Младите лица дел од Иницијативниот Одбор во Неготино презедоа иницијатива за формирање на Локален младински совет во Неготино и посетија циклус на обуки за зајакнување на своите капацитети како и надоградување на своите знаења. Основањето на младинскиот совет е активност од проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“, финансиран од Европската унија, а спроведен од страна на Младински образовен форум и Центарот за Меѓукултурен дијалог во партнерство со 12 општини од Македонија меѓу кои е и општина Неготино.
Младински совет претставува претставничко тело на младите од општина Неготино кое вклучува претставници од граѓански организации, Културни уметнички друштва, помладоци на политички партии, претставници од преседателството на училишните заедници и други форми на младинско организирање. Локален младински совет е претставник на младите и дејстува на територијата на општина Неготино.
Членките на Младинскиот совет се здружуваат заради остварување на поширок општествен интерес на младите, нивно застапување, учество и вклучување во креирањето на младинските политики, со цел подобрување на положбата на младите во општина Неготино.
Повеќе информации за повикот на следниот ЛИНК.
Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (ИПА програма – Civil Society Facility).