Барај
Close this search box.

Повик за учесници на МОФ Летна академија 2024

Дали сте подготвени за МОФ Летна Академија 2024?

МОФ Летна Академија 2024 е настан кој ќе ви понуди содржини за активно да се вклучите во социјални промени преку искористување на виртуелниот простор, ќе ви помогне подобро да се снајдете во денешниот информативен екосистем и да учествувате во него на начин што ќе информира и вклучува, наместо да разделува и поларизира.

Кој може да учествува?

Сите млади на возраст од 15 до 19 години кои сакаат да го поминат периодот од 19 до 24 август 2024 година работејќи на своите вештини за критичко размислување и општествена вклученост преку активности за неформално образование.

Како да се пријавите?

Пријавувањето е отворено до 8-ми август (четврток) 2024 година. Сите заинтересирани млади можат да го прочитаат описот на Траките на Младинската Академија, да ја изберат својата трака, па да се пријават со пополнување на следниот прашалник.

Што ве очекува?

Секој учесник ќе може да избере една од следниве траки:

  • Дебата и критичко размислување
  • Дигитално граѓанство и права
  • Онлајн активизам и препознавање на дезинформации
  • Новинарство и медиуми

Но тоа не е сѐ! Ќе имате можност да учествувате и во интересни предавања и работилници од различни области.

МОФ Летната Академија 2024 претставува збир од медиумска писменост, дискусии, работилници, образование, активизам, пријателство и создавање на социјална промена, а се организира во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Опис на траките:

Дигитално граѓанство и права

Пионери, пионерки, интернет херои и сајбер ѕверки!

Те нервира кога ќе видиш злоупотреба на интернетот, но не знаеш како да го решиш проблемот, освен со неуспешни обиди за пријавување?

Сакаш да се запознаеш со дигиталниот бонтон и ти се зборува за слободно изразување во виртуелниот простор?

На траката „Дигитално граѓанство и права“ ќе ги дознаеш твоите права на интернет платформите, нивните граници и како да се заштитиш кога се чувствуваш загрозено. Ќе се запознаеш со концептот на авторски права и начинот на преземање и споделување содржини. Дополнително, ќе имаш можност да слушаш предавања на тема дигитално граѓанство и каде да се обратиш ако твоите онлајн права се загрозени или прекршени.

Траката „Дигитално граѓанство и права“ ќе посочи на големата слика и ќе те научи како свесно и совесно да објавуваш и споделуваш информации на интернет. Секое снимено видео, секоја испратена слика, статус и твит имаат милиони начини за интерпретација, па некои од нив може да доведат до можно загрозување на угледот и секојдневието на корисниците на виртуелните алатки.

Приклучи се на оваа трака и дознај како да бидеш одговорен дигитален граѓанин, како да ги заштитиш своите права и како да придонесеш кон безбедна и позитивна онлајн заедница.

Новинарство и медиуми

Сакаш да ги раскажеш приказните што другите не ги гледаат?

Те интересира како настануваат вестите и каков е патот од идеја до објавување на статија или видео прилог?

Тогаш траката „Новинарство и медиуми“ е совршен избор за тебе!

На МОФ Летната Академија ќе имаш можност да ги откриеш тајните на новинарството и медиумите. Ќе се запознаеш со основите на новинарството, пишување на вести и известување. Искусни новинари од Радио МОФ ќе го пренесат своето знаење, вештини и практични совети. Ќе научиш како да интервјуираш, како да истражуваш и како да ја пренесеш својата приказна на начини што ќе ја привлечат публиката.

Во текот на Академијата, ќе работиш во тимови со други млади од целата држава на создавање на свои новинарски приказни кои ќе бидат објавени на Радио МОФ. Ќе научиш и како да ги користиш современите алатки за новинарство и како да се претставиш во онлајн просторот.

П.С. Радио МОФ постојано бара млади кои сакаат да истражуваат за своите локални заедници и да го споделуваат своето гледиште за проблемите кои ги мачат младите, па ако се пронајдеш во новинарството, можноста да станеш наш дописник е отворена.

Дебата и критичко размислување

Те фаќа сафра, лето е и сонце пече, а ти сакаш да го искористиш времето за нешто продуктивно?

Сметаш дека социјалните мрежи не се доволни за вистинска аргументирана дебата, а ти имаш многу што да кажеш и споделиш?

Приклучи се на дебатната трака на оваа летна академија! Предавањата на Дебатната програма на МОФ се фокусираат на развој на аргументациските вештини и способности во реалниот свет, а не само онлајн. Ќе научиш како да го изнесеш својот став, како да ги браниш своите идеи и како критички да размислуваш за сите теми што те интересираат.

Предавањата ќе опфатат осврт и објаснување на основните дебатни алатки и критичко размислување, како и детална анализа на елементите на овие алатки и нивното правилно користење во секојдневниот живот.

Предавањата ќе содржат осврт и објаснување на основните дебатни алатки и критичко размислување, односно аргументот и аргументираното изразување, како и детална анализа на елементите на овие алатки и нивното правилно користење во секојдневниот живот.

Траката ќе се осврне кон фактичкото поддржување на ваквите аргументи, односно како да се искористат алатките и методите кои се нудат денес за да се направи едно правилно истражување и наоѓање на издржани примери и докази.

На самиот крај, на предавањата ќе се посвети време да се објаснат разните вештини за презентирање на целосно аргументираните ставови во поддршка на критичкото размислување, со особен осврт кон методите за јавно изразување и сите останати презентациски вештини.

Онлајн активизам и препознавање на дезинформации

Сакаш да го користиш интернетот за да направиш позитивна промена?

Сметаш дека е важно да се препознаат и да се спречат лажните вести?

Тогаш избери ја траката „Онлајн активизам и препознавање на дезинформации“!

Во оваа трака ќе се запознаеш со најмоќните алатки и стратегии за онлајн активизам, а ќе научиш и како да препознаваш дезинформации и да се справуваш со нив. Преку забавни и интерактивни работилници, ќе развиеш критичко размислување и ќе откриеш како можеш да ги користиш социјалните мрежи за позитивна промена.

Искусни тренери ќе го пренесат своето знаење, вештини и практични совети. Ќе се запознаеш со современите алатки на активизмот, како да креираш онлајн кампањи и како да мобилизираш луѓе околу важни теми. Траката ќе покрие и техники за креирање содржини што привлекуваат внимание и инспирираат акции, како и начини за ефикасно комуницирање и поврзување со твојата публика.

Побрзајте и пријавете се!

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: