Радио МОФ во соработка со „Д фестивал“ организира „Radio MOF Media Desk“- новинарска работилница која ќе се одржи во Дојран од 17 до 19 јули.
Работилницата ќе функционира за време на трите фестивалски денови, од 12:00 до 18:00 часот и ќе преставува редакција од млади новинари кои под уредништвото и менторството на новинарот Жарко Настоски ќе пишуваат за музичките настапи на: Manu Chao, Wilkinson, DJAIKOVSKI feat. TK WONDER, Bad Copy, Ljubojna Brass Fantasy, Фолтин, Elektricni orgazam, ZAA, K.У.Р, Foolish green, Blaa blaa blaa, BAiLdSA, PMG Kolektiv, DRUM’N’BRASS TRIO, Retro Cabaret, Opatnitza, Новиот почеток,Furion, Point Blank, June, Brooka Band и многу други, кои ќе настапуваат за време на „Д фестивал“.
Младите новинари ќе имаат задача да пишуваат и за работилниците на повеќе организации како Младински образовен форум, Македонски центар за меѓународна соработка, Македонската платформа против сиромаштија, Борка, ХОПС, Контракадар, Слем поезија.
Целта на работилницата е учесниците низ практичната теренска работа да ги подобрат своите новинарски вештини.
Повикот за учество на работилниците е отворен за сите млади кои сакаат да го збогатат своето новинарско искуство и знаења, но и да се инспирираат и научат повеќе од искусните новинари. Работилницата е наменета за млади новинари кои сакаат да пишуваат и истражуваат и кои имаат интерес да научат повеќе за новинарското покривање на фестивалски манифестации.
Избраните учесници ќе добијат своја прес акредитација која им овозможува пристап зад сцената за да може да ги интервјуираат изведувачите, а воедно добиваат и влез за трите фестивалски денови и бесплатен камп.
Работниот јазик за работилницата е македонски. Сите заинтересирани за аплицирање, треба да се пријават со пополнување на апликацијата, најдоцна до петок (3 јули) напладне.
Текстовите кои ќе бидат изработени во текот на работилницата ќе бидат објавени на блогот на „Д фестивал“ како и во весникот кој ќе се издава за време на фестивалот.