„Поврзи се звучно“ – Soundcloud Meetup Day

Вечерта на 23 мај, под отворено небо во дворот на Младински образовен форум (МОФ) ве каниме на неколкучасовна Soundcloud средба.

Звукот ги зближува луѓето. Звукот креира конекции. Звукот крши бариери.Средбите се убав начин за споделување искуства, создавање соработки и нови познанства и учење од другите. Панел дискусија, катче за дружење и споделување звуци, музички перформанси и диџеј сетови и презентација на андроид апликација (MyCloudPlayer) се неколкуте активности кои ги подготвуваме за вториот Soundcloud Meetup Day во Скопје.

Без разлика дали сте искусен корисник на Soundcloud или почетник, музичар или диџеј, издавач или промотер, придружете ни се и дајте свој придонес во реализација на настанот.

Ги охрабруваме сите Soundcloud-ери кои имаат идеја за збогатување на содржината на средбата да не контактираат на info@radiomof.mk (Subject: Soundcloud Meetup 2013) и со тоа активно да се вклучат во дружбата. Сите заинтересирани кои сакаат да креираат свој автентичен звук на самиот настан се поканети да си го донесат омилениот инструмент и заедно да создаваме нови звуци.

Агенда на настанот:

19:00 – 20:00 Дружење, снимање и креирање звуци

20:00 – 21:00 Отворена дискусија модерирана од Drop Series на тема “Oд продукција до издаваштво … како Soundcloud ги поврзува овие две активности”. Говорници се продуценти, издавачи и диџеи и промотори од Македонија. Имињата на учесниците ќе бидат дополнително објавени.

21:00 – 23:00 Музички и диџеј настапи.Имињата на настапувачите ќе бидат дополнително објавени.

Погледнете како изгледаше ланското издание на Soundcloud meetup Macedonia.

Сподели