Само 2 часа откако МОФ ги достави 25.378-те потписи за екстерното оценување оваа година да се прогласи за пробно, Министерството за образование и наука (МОН) се огласи дека тестирањето ќе важи бескомпромисно, без да одговори на прашањата кои говорат за оспорениот квалитет на екстерното и со единствена порака дека реакцијата на МОФ била задоцнета.
Го прашуваме МОН, како успеа за толку кратко време да ја прочита и разбере нашата анализа и како се осмели за само 2 часа да отфрли иницијатива на повеќе од 25 илјади граѓани? Дали искуствата, сведоштвата и барањата на овие граѓани, ученици, родители, наставници и професори не се доволна порака за Министерството да се одважи и да одлучи да го подобри образовниот процес, наместо инаетливо да не отстапува од своите одлуки кои прават штета на сите засегнати страни?
Во обид да го претстави екстерното оценување како процес кој бил поддржан од засегнатите, МОН во неколку наврати потенцираше дека тестирањето оваа година било спроведено во партнерство со учениците и наставниците? Дали МОН ги смета за свои партнери илјадниците ученици кои протестираа уште во мај во обид да спречат конфузно проектирано екстерно? Дали партнери на вакво екстерно се сите оние ученици кои реагираа на серијата технички пропусти и законски недоследности и прекршувања на закон? Дали партнер на МОН и на ваквото екстерно се и Младинскиот образовен форум и оние 25 илјади граѓани кои бараат екстерното да се прогласи за пробно оваа година?
Не, граѓаните не се и нема да бидат партнери на фалично екстерно оценување. Граѓаните се партнери на здрава и аргументирана критика која има за цел да го подобрува образовниот процес, а не да оштетува ученици кои утре ќе имаат проблем при своето запишување на факултет.
Зошто акцијата за екстерното да се прогласи за пробно не е задоцнета?
МОФ трпеливо и темелно го следеше целиот процес на спроведување на екстерното оценување. И нашата организација и сите засегнати од екстерното имаа минимум надеж дека барем техничкото спроведување на тестирањето ќе помине без пропусти и дека ниту еден ученик нема да биде оштетен, онака како што јавно вети Министерот за образование. Но, искуствата на учениците и наставниот кадар го потврдија спротивното. Фактите говорат дека екстерното годинава помина со пробиени тестови, прекршени законски рокови, прашања со повеќе точни одговори, паѓање на сотфверскиот систем, одложувања на тестирањата и атмосфера на страв и конфузија. Кој можеше од напред да претпостави дека МОН ќе си дозволи да спроведе тестирање со толку многу технички и законски пропусти?
МОФ уште еднаш потенцира дека одлуката на Министерството да го прогласи екстерното оценување за пробно во никој случај не може да биде задоцнета, напротив, може само да биде во корист на учениците, во насока на отстранување на пропустите и во насока на остварување на ветувањето дека ниту еден ученик нема да биде оштетен.
Министерството потенцира дека екстерното тестирање е и ќе продолжи да биде законски проект. Потсетуваме дека законската рамка на која МОН се повикува во неколку наврати беше прекршена. Тоа е уште една причина МОН да се одважи, да ги согледа пропустите и да го прогласи за пробно екстерното кое сериозно потфрли во првата година од своето спроведување. Законските 7 дена за објавување на предметите за тестирање беа скратени на 4, а рокот за поднесување приговори по однос на објавените оцени беше скратен од 3 на 2 дена. Потсетуваме дека во законот недостасува одредба за негативни оцени (незадоволителен „1”). На голем број ученици „единиците” им беа внесени во свидетелства, иако македонскиот образовен систем не ја препознава оваа оцена како преодна. Потсетуваме и дека основите за поднесување приговори се претесни и не им дозволуваат на учениците да реагираат на техничките пропусти со кои се соочија при тестирањето.
Лажна е сликата дека само 3.200 ученици поднеле приговори бидејќи на останатите не им беше овозоможено да реагираат и приговорите им беа одбивани како неосновани. Прашуваме дали прекрушувањата на законите во Македонија не е доволна причина за да се преземат конкретни мерки, да се прогласи екстерното за пробно и со тоа да се спречи официјализирање на процес во кој законите се прекршени, а учениците оштетени?
За илустрација, во Србија, поради пробивање на тестовите се поништува државната матура.
Конечно, и покрај тоа што МОН оваа акција ја декларира како обид на МОФ да добие публицитет, сметаме дека е корисно што МОН реагира на нашата аргументација и на барањата на 25378 граѓани, со надеж дека најавата за средба, за дискусија и за анализа на аргументацијата конечно ќе се оствари.
МОФ сеуште е заинтересиран за работен состанок со Министерството за образование и наука во интерес на подобро екстерно оценување во иднина, а во меѓувреме ќе продолжи со водење на институционалните процедури преку претставки до Државниот управен инспекторат, Државниот просветен инспекторат и Уставниот суд на Република Македонија.
Стоиме на располагање да му помогнеме на Министерството за образование да воведе реформа која ќе биде успешна, а не реформа која ќе оштетува. Успешна реформа не може да биде екстерно оценување за чии пропусти сведочат повеќе од 25 илјади граѓани… ќе беа многу повеќе, но дел од загрозените се плашеа да се потпишат, па поддршката ја даваат усно, преку телефон или преку е-пошта.
Повеќе информации за процесот на екстерното оценување како и препораки за идното тестирање може да најдете во Анализата за екстерното оценување во училиштата во Македонија.