Барај
Close this search box.

Предавачи по Учиме право по втор пат учесници во симулација на судење

На 29 и 30 октомври во х. ТЦЦ Гранд Плаза се одржa вежба за симулирано судење според новиот Закон за кривична постапка Сл. Весник на Република Македонија бр.150/2010 организирана од страна на Адвокатската комора на Република Македонија, Американската Адвокатска Комора и Академијата за судии и јавни обвинители. Симулацијата на судење е предвидена како настан во рамки на обуките наменети за судии, јавни обвинители и адвокати со цел успешно имплементирање на новиот Закон за кривична постапка. На главната расправа јавните обвинители и адвокатите имаа можност практично да ги применат теоретските знаења, ги дадоа своите воведни и завршни зборови, во доказната постапка ги применуваа техниките на директното, вкрстеното и дополнителното испрашување на сведоците, а судиите за прв пат се запознаа со случајот во текот на главната расправа и како пасивни арбитрери го следеа изведувањето на доказите што странките ги предложиле, се грижеа за коректно водење на постапката, ред и дисциплина во судницата и почитување на угледот и достоинството на учесниците во постапката. На крајот советот се повлече на советување и гласање заради донесување пресуда.

На покана од Американската Адвокатска Комора Иницијатива за владеење на правото седуммина предавачи по Учиме право повторно имаа можност да бидат дел од оваа симулација на судење и да учествуваат во улога на сведоци во постапката. Покрај теоретските предавања кои имаа можност да ги проследат од експертите, предавачите по Учиме право имаа ретка прилика да се стекнат со практични искуства за текот на главната расправа согласно новиот Закон за кривична постапка. Јавните обвинители и адвокатите ги подготвуваа сведоците, дискутираа за стратегијата на случајот и ги подготвуваа сведоците за судењето.
Ова е втор пат во рамки на Програмата Учиме право, предавачите по Учиме право да бидат дел од обуките организирани од страна на Американската Адвокатска Комора Иницијатива за владеење на правото во улога на сведоци во постапката.

Младински образовен форум ги поздравува заложбите на Американската Адвокатска Коморa во судските реформи и изразува огромна благодарност што овозможува предавачите по Учиме право да стекнат теоретски и практични знаења од кривично- процесната материја.

Закон за кривична постапка беше донесен на 17 ноември 2010 година и требаше да се применува од ноември 2012, кој временски период од две години беше оставен со цел спроведување на потребните реформи и обуки како и создавање кадровски и просторни услови, за да биде продолжен уште една година. Во новиот ЗКП главната расправа добива акузаторни карактеристики при што судењето се одвива како спор помеѓу странките со нагласена контрадикторност. Целта на реформата во делот на главната расправа е постоење на модерна казнена постапка во која ќе се почитуваат човековите права и слободи но која истовремено ќе биде и доволно ефикасна и ќе овозможи растоварување на судот од обврската самиот по службена должност да го разјаснува случајот.Неговата примена се очекува да започне во декември годинава.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: